Дали сите добри луѓе одат на небото?
Дали сите добри луѓе одат на небото?
ПО ПОСЛЕДНИОТ оброк со неговите ученици вечерта пред да биде убиен, Исус им ветил дека ќе ги награди со тоа што ќе им подготви место на небото. Тој им рекол: „Во куќата на мојот Татко има многу живеалишта. Да не беше така, ќе ви кажев. А сега одам да ви приготвам место“ (Јован 14:2). Зошто Исус рекол дека ќе им подготви место на небото? Што ќе прават тие таму?
Исус имал на ум една посебна задача за своите ученици. Истата вечер, тој им рекол: „Вие останавте со мене во моите искушенија. Јас склучувам со вас сојуз за царство, како што мојот Татко со мене склучи сојуз“ (Лука 22:28, 29). Бог му ветил на Исус дека ќе биде Цар кој ќе му обезбеди на човештвото нешто што најмногу му треба — добра влада. Тој ќе ги спаси луѓето од угнетување и ќе ги уништи измамниците. Иако Исус ќе има поданици „до краиштата на земјата“, неговиот престол ќе биде на небото (Псалм 72:4, 8; Даниел 7:13, 14).
Меѓутоа, Исус нема да владее сам. Затоа, на своите апостоли им ветил место на небото. Тие се првите што биле избрани ‚да царуваат над земјата‘ (Откровение 5:10).
Колку луѓе ќе одат на небото? Како и во секоја влада, владетелите на Божјето небесно Царство се малку во споредба со сите луѓе што ќе живеат под нивната власт. На оние што ќе владеат со него, Исус им рекол: „Не плаши се, мало стадо, зашто волјата на вашиот Татко е да ви го даде царството“ (Лука 12:32). Тоа „мало стадо“ на крајот ќе брои 144.000 (Откровение 14:1). Тој број е мал во споредба со милионите луѓе што ќе живеат вечно на Земјата како лојални поданици на тоа Царство (Откровение 21:4).
Значи, не одат на небото сите добри луѓе. Во врска со добриот цар Давид, апостол Петар отворено рекол: „Давид не се вознесе на небото“ (Дела 2:34). Јован Крстител бил добар човек. Сепак, Исус покажал дека тој нема да владее како цар на небото. „Меѓу родените од жена“, рекол Исус, „не се појавил некој поголем од Јован Крстител, но помалиот во царството небесно е поголем од него“ (Матеј 11:11).
Ќе ја добиеш ли наградата наменета за добрите луѓе?
Што треба да правиш за да бидеш награден со вечен живот на Земјата? Исус рекол: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Забележи дека љубовта што Бог ја чувствува кон луѓето го мотивира да им овозможи на сите да имаат вечен живот, но таа награда ќе ја добијат само оние што веруваат.
Верата треба да се темели на точно спознание (Јован 17:3). Можеш да покажеш дека си добра личност со тоа што ќе научиш нешто повеќе за Јеховината намера со човекот. Верата во она што го учиш нека те поттикне на дела. И биди уверен дека еден ден и ти ќе можеш да живееш вечно.
[Рамка на страница 7]
Што вели Библијата?
Прашање:
Што се случува со добрите луѓе кога ќе умрат?
Одговор:
„Мртвите не се свесни за ништо“ (ПРОПОВЕДНИК 9:5)
Прашање:
Каква иднина ги очекува добрите луѓе?
Одговор:
„Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат [Исусовиот] глас и ќе излезат“ (ЈОВАН 5:28, 29)
Прашање:
Каде ќе живеат повеќето добри луѓе?
Одговор:
„Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (ПСАЛМ 37:29)