Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Срдечно си поканет

Срдечно си поканет

МОЖЕБИ си поминал покрај некоја Сала на Царството на Јеховините сведоци во твоето место и си се прашал што се прави внатре. Си знаел ли дека секој што сака може слободно да присуствува на нивните седмични состаноци? Сите се добредојдени!

Но, можеби имаш некои прашања. Зошто Јеховините сведоци се собираат заедно? Како изгледаат тие состаноци? И што рекле за состаноците некои лица што не се Јеховини сведоци?

„Собери го народот“

Уште во старо време, луѓето се собирале за да му служат на Бог и да учат за него. Пред скоро 3.500 години, на Израелците им било речено: „Собери го народот — мажите, жените, децата и дојденците што живеат со тебе во твојот град — за да слушаат и да научат да се бојат од Јехова, вашиот Бог, и совесно да ги држат сите зборови на овој закон“ (5. Мојсеева 31:12). Значи, и младите и старите во Израел биле поучувани да му служат на Јехова Бог и да го слушаат.

По многу векови, кога било основано христијанското собрание, состаноците останале едно важно обележје на вистинската религија. Апостол Павле напишал: „Да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела, и да не ги пропуштаме нашите состаноци, како што некои имаат обичај, туку да се храбриме еден со друг, толку повеќе колку што гледате дека се приближува денот“ (Евреите 10:24, 25). Исто како што семејните врски се зајакнуваат кога сите во семејството се заедно, така и љубовта меѓу оние што сакаат да му служат на Бог се зајакнува кога се собираат заедно за да го обожаваат Бог.

Во склад со овие библиски примери, Јеховините сведоци се состануваат во своите Сали на Царството двапати седмично. Состаноците им помагаат на присутните да ги ценат, да ги разберат и да ги применат библиските начела. Колку што е можно, во целиот свет се следи истата програма, а секој состанок има некоја духовна цел. Пред и по состаноците, присутните ‚заемно се охрабруваат‘ преку изградувачки разговори (Римјаните 1:12). Како изгледа секој од овие состаноци?

Библиско предавање

Првиот состанок на кој доаѓаат повеќето луѓе е едно библиско предавање наменето за пошироката јавност, кое обично се одржува во сабота или во недела. Исус Христос често држел предавања — едно од нив била познатата Проповед на гората (Матеј 5:1; 7:28, 29). Друг пример бил апостол Павле, кој им се обратил на жителите на Атина (Дела 17:22-34). Врз основа на овие примери, предавањето што се изнесува на овој состанок е особено наменето за општа публика, во која има и лица што првпат дошле на состанокот.

Состанокот почнува со песна од книгата Пејте му фалби на Јехова. * Сите што сакаат да станат и да пеат заедно со другите присутни, слободно можат да го сторат тоа. По кратка молитва, еден добар говорник изнесува 30-минутно предавање. (Види ја рамката  „Библиски предавања на практични теми.“) Темел на таквите предавања е Библијата. Говорникот често ги замолува присутните да побараат некој стих во Библијата и да следат додека тој го чита. Затоа, можеш да си ја понесеш својата Библија или, пак, да побараш од некој Јеховин сведок да ти даде еден примерок пред да започне состанокот.

Проучување на Стражарска кула

Во повеќето собранија на Јеховините сведоци, по библиското предавање се проучува  некоја библиска тема од списанието Стражарска кула. Тоа трае еден час, и материјалот се обработува со прашања и одговори. Со овој состанок присутните се поттикнати да го следат примерот на Веријците од времето на Павле, кои ‚ја примиле речта и секој ден ги истражувале Писмата‘ (Дела 17:11).

Пред проучувањето, се пее песна. Материјалот што се разгледува и прашањата што ги поставува водителот се наоѓаат во изданието на Стражарска кула кое содржи статии за проучување. Некој од Јеховините сведоци може да ти даде еден примерок. Некои теми што беа разработени во последно време се: „Родители, воспитувајте ги децата со љубов!“, „Никому не враќајте зло за зло“ и „Зошто наскоро ќе им дојде крај на сите страдања“. Иако на овој состанок се поставуваат прашања на кои присутните даваат одговор, учеството е доброволно и обично даваат коментари оние што однапред ја прочитале и добро размислиле за статијата и за библиските стихови што се наведени во неа. Состанокот завршува со песна и молитва (Матеј 26:30; Ефешаните 5:19).

Собраниско проучување на Библијата

Една вечер секоја седмица, Јеховините сведоци имаат уште еден состанок во Салата на Царството, на кој се изнесува триделна програма. Сето тоа трае вкупно 1 час и 45 минути. Првиот дел е Собраниското проучување на Библијата, и трае 25 минути. Тоа им помага на присутните подобро да се запознаат со Библијата, да го променат своето размислување и своите ставови и да станат подобри ученици на Христос (2. Тимотеј 3:16, 17). И на овој состанок, со прашања и одговори се разработува некоја библиска тема, исто како  што се прави на Проучувањето на Стражарска кула. Кој сака, може да коментира. Овој пат, Библијата ја проучуваме со помош на некоја книга или брошура издадена од Јеховините сведоци.

Зошто на овој состанок се користат публикации што се темелат на Библијата? Уште во библиски времиња, не било доволно само да се чита Божјата реч. ‚Таа била толкувана и им се помагало на луѓето да ја сфатат нејзината смисла. Така го разјаснувале прочитаното‘ (Неемија 8:8). Во изминативе години, публикациите во кои се разработуваа пророштвата на Исаија и Даниел, како и Откровението, им помогнаа на лицата што присуствуваа на овој состанок да ги разберат тие делови од Библијата.

Теократска школа за служба

По Собраниското проучување на Библијата следи Теократската школа за служба. Овој состанок трае 30 минути и има за цел да им помогне на христијаните да станат ‚вешти во поучувањето‘ (2. Тимотеј 4:2). На пример, дали твоето дете или некој пријател ти поставил прашање за Бог или за Библијата, но ти не си знаел добро да одговориш? Теократската школа за служба може да те научи да даваш охрабрувачки, библиски одговори на тешки прашања. Затоа, можеме да го кажеме истото што го рекол пророкот Исаија: „Севишниот Господар Јехова ми даде учен јазик за да знам што да му кажам на уморниот“ (Исаија 50:4).

Теократската школа за служба почнува со говор заснован на неколку поглавја од Библијата, кои биле на распоред за читање за тековната седмица. Потоа говорникот ги замолува присутните накратко да коментираат за практичната вредност на прочитаниот материјал. По оваа дискусија, неколку учесници кои се запишани во Школата и добиле задача да подготват одреден материјал, го изнесуваат својот говор.

Учесниците во оваа Школа обично треба да прочитаат од подиумот дел од Библијата или, пак, да покажат како може да ги поучуваме другите на некоја библиска тема. По секој говор, еден искусен советник  го пофалува учесникот за изнесениот говор. Тие совети ги дава на темел на учебникот Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба. Подоцна може насамо да му даде предлози како да се подобри.

Овој краток дел од програмата е корисен не само за учесникот туку и за сите присутни што сакаат да научат уште подобро да читаат, да држат говори и да поучуваат. Откако ќе заврши Теократската школа за служба, се пее песна која се темели на некој библиски стих, а потоа започнува Состанокот за нашата служба.

Состанок за нашата служба

Последниот дел од програмата е Состанокот за нашата служба. Преку говори, прикази, интервјуа и учество на присутните, сите во публиката учат делотворно да им ги пренесат библиските вистини на другите. Исус ги собрал своите ученици и им дал детални упатства пред да ги испрати да проповедаат (Лука 10:1-16). Со таква добра обука за проповедничкото дело, тие имале многу радосни искуства. Кога се вратиле, учениците му кажале на Исус како си поминале (Лука 10:17). Тие често си ги раскажувале своите искуства (Дела 4:23; 15:4).

Програма за Состанокот за нашата служба, која трае 35 минути, излегува во еден месечен билтен со наслов Нашата служба за Царството. Некои теми што ги имаме разработено се: „Да му служиме на Јехова како семејство“, „Зошто повторно одиме на истите врати“ и „Угледај се на Христос во службата“. Програмата завршува со песна, и на крајот еден член на собранието кажува заклучна молитва.

Што велат некои посетители

Сите во собранието се трудат да им покажат на посетителите дека се добредојдени. На пример, Ендрју чул многу негативни коментари за Јеховините сведоци. Но, кога првпат отишол на еден нивни состанок, се изненадил од пријатниот пречек. „Таму беше многу убаво“, вели Ендрју. „Навистина се изненадив што луѓето беа љубезни и се интересираа за мене.“ Ашел, тинејџерка од Канада, се согласува со тоа. „Состанокот беше многу интересен! Не ми беше тешко да го следам.“

Хозе од Бразил бил познат како агресивен човек. Сепак, бил поканет на еден состанок во Салата на Царството во неговото место. „Луѓето во Салата на Царството срдечно ме поздравуваа, иако знаеја каков бев“, раскажува тој. Ацуши од Јапонија вели: „Мора да признаам дека, кога првпат отидов на еден состанок на Јеховините сведоци, имав чувство дека не припаѓам таму. Сепак, сфатив дека тие луѓе се нормални. Навистина се трудеа да ме опуштат и да се чувствувам пријатно.“

Добредојден си и ти

Како што покажуваат изјавите на овие посетители, на состаноците во Салата на Царството можеш да си поминеш многу убаво. Ќе научиш некои работи за Бог, кој се вика Јехова, а тој, пак, преку библиската програма што ќе ја следиш таму, ќе те поучи „за твое добро“ (Исаија 48:17).

Состаноците на Јеховините сведоци се бесплатни и за време на програмата не се собираат прилози. Би сакал ли да видиш како изгледа еден состанок во Салата на Царството во твоето место? Срдечно си поканет да појдеш!

^ пас. 10 Сите публикации што се спомнати во оваа статија се издадени од Јеховините сведоци.