Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Тарсиските бродови“ — белег на едно време

„Тарсиските бродови“ — белег на едно време

„Тарсиските бродови“ — белег на едно време

„Тарсиските бродови крстосуваа по морињата заради твојата трговска стока“ (ЕЗЕКИЕЛ 27:25, THE JERUSALEM BIBLE)

ТАРСИСКИТЕ бродови му помогнале на цар Соломон да се збогати. Луѓето што ги граделе овие бродови извршиле влијание врз создавањето на грчката и на латинската азбука. Исто така, основале еден град според чие име, Библос, го добила своето име и највлијателната книга на сите времиња.

Кои биле тие што ги направиле тарсиските бродови и пловеле со нив? Како овие бродови го добиле своето име? И на кој начин настаните поврзани со тие луѓе и нивните бродови сведочат за точноста на Библијата?

Господари на Средоземјето

Бродовите што станале познати како „тарсиски бродови“ ги изградиле Феничаните. Тие веќе биле искусни морепловци околу илјада години пред Христос. Нивната татковина била еден тесен појас на брегот од Средоземното Море, кој отприлика се совпаѓа со денешен Либан. Териториите на север, исток и југ биле населени од други народи, а на запад било пространото море, во кое Феничаните го гледале својот извор на богатство.

Феникиските морепловци постепено изградиле една успешна трговска флота. Како што се зголемувал профитот и технологијата одела напред, тие правеле сѐ поголеми бродови што можеле да издржат и подолги патувања. Откако стигнале на Кипар, Сардинија и Балеарските Острови, Феничаните продолжиле да пловат кон запад покрај брегот на Северна Африка, сѐ додека не стигнале во Шпанија. (Види ја придружната карта.)

Феникиските бродоградители правеле бродови долги и до 30 метри. Изгледа дека токму овие прекуокеански кораби биле наречени „тарсиски бродови“ бидејќи можеле да издржат пат долг 4.000 километри, колку што била оддалечена Феникија од јужна Шпанија, каде што веројатно се наоѓал Тарсис. *

Феничаните можеби немале намера да завладеат со светот, туку само да заработат пари. Тоа го постигнувале со основање трговски населби. Меѓутоа, како трговци, тие станале господари на Средоземјето.

И подалеку од Средоземјето

Во потрагата по добивка, феникиските истражувачи стигнале дури до Атлантскиот Океан. Нивните бродови продолжиле да пловат покрај јужниот брег на Шпанија сѐ додека не дошле до пределот наречен Тартес. Некаде во 1100 год. пр.н.е., основале еден град, кој го нарекле Гадир. Ова шпанско пристаниште, кое денес е познато како Кадиз, станало еден од првите поголеми градови во Западна Европа.

Феничаните тргувале со сол, вино, сушена риба, кедар, бор, метални предмети, стакло, везени ткаенини, фин лен и ткаенини обоени со прочуениот тирски пурпур. Какво богатство нудела Шпанија за возврат?

Јужна Шпанија станала најбогатиот извор на сребро и други скапоцени метали во Средоземјето. Во врска со Тир, кој бил главно пристаниште на Феничаните, пророкот Езекиел рекол: „Ти тргуваше со Шпанија, и за изобилството стоки што ги донесе, тие ти платија со сребро, железо, калај и олово“ (Езекиел 27:12, Today’s English Version).

Феничаните откриле еден навидум неисцрпен извор на овие минерали во близина на реката Гвадалкивир, во околината на Кадиз. Од овој предел, кој денес е наречен Рио Тинто, и ден-денес се ископуваат истите минерали, што значи дека веќе три илјади години од овие рудници се вади висококвалитетна руда.

Кога бродската релација Шпанија—Феникија била добро разработена, Феничаните стекнале монопол над среброто што се добивало од Шпанија. Огромни количества сребро оделе во Феникија, па дури и во блискиот Израел. Израелскиот цар Соломон имал деловни врски со феникискиот цар Хирам. Затоа, во времето на Соломон, среброто се сметало „за безвредно“ (1. Царевите 10:21). *

Иако Феничаните станале успешни трговци, тие знаеле да бидат безмилосни. Се вели дека понекогаш ги намамувале луѓето да се качат на некој од нивните бродови, наводно за да им ја покажат својата стока, а потоа ги претворале во свои робови. Со текот на времето, тие дури и ги издавале поранешните трговски соработници, Израелците, и ги продавале во ропство. Затоа, хебрејските пророци го прорекле уништувањето на феникискиот град Тир. Овие пророштва ги исполнил Александар Велики во 332 год. пр.н.е. (Јоил 3:6; Амос 1:9, 10). Со тоа завршила ерата на Феничаните.

Наследството од Феничаните

Како што прават сите добри бизнисмени, феникиските трговци ги запишувале своите договори. Користеле азбука што била многу слична на древната хебрејска азбука. И другите народи сфатиле кои се предностите на феникиската азбука. Со некои измени, таа станала основа на грчката азбука, која, пак, станала основа на латинското писмо — едно од најупотребуваните денес.

Освен тоа, важниот феникиски град Библос станал центар на изработката на папирус, кој бил предвесник на денешната хартија. Употребата на папирус во пишувањето водела до појавата на книгите. Всушност, македонскиот збор за најраспространетата книга во светот, Библијата, доаѓа од името Библос. Значи, историскиот извештај за Феничаните и нивните бродови ни потврдува дека Библијата се темели на факти.

[Фусноти]

^ Со текот на времето, изразот „тарсиски бродови“ почнал да означува еден вид бродови, кои можеле да издржат пловидба на долги прекуморски релации.

^ Соломоновите ‚тарсиски бродови‘ соработувале со бродовите на Хирам. Главно пристаниште веројатно им бил Есион-Гавер, од каде што тргувале во регионот на Црвеното Море и подалеку (1. Царевите 10:22).

[Карта на страница 27]

(Види во публикацијата)

ФЕНИКИСКИТЕ ТРГОВСКИ ПАТИШТА

ШПАНИЈА

ТАРТЕС

Гвадалкивир

Гадир

Корзика

Балеарски О.

Сардинија

Сицилија

Крит

Кипар

Библос

Тир

СРЕДОЗЕМНО МОРЕ

Есион-Гавер

Црвено Море

АФРИКА

[Слика на страница 27]

Монета на која е прикажан феникиски брод, 3 или 4 век пр.н.е.

[Слика на страница 27]

Остатоци од феникиска населба во Кадиз (Шпанија)

[Извор на слика на страница 26]

Museo Naval, Мадрид

[Извори на слики на страница 27]

Монета: Museo Arqueológico Municipal. Puerto de Sta. María, Кадиз; остатоци: Yacimiento Arqueológico de Doña Blanca, Pto. de Sta. María, Кадиз (Шпанија)