СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 7
Извлечи поголема корист од читањето на Библијата
Го разбираш ли тоа што го читаш? (ДЕЛА 8:30)
ПЕСНА 97 Божјата Реч за нас значи живот
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. Што покажува дека Светото писмо му било важно на Исус?
ЗАМИСЛИ да си можел да го слушаш Исус додека поучува. Тој честопати цитирал напамет стихови од Светото писмо. Интересно е дека некои од првите зборови што ги кажал по своето крштавање и некои од неговите последни зборови пред да умре, всушност, биле цитати од Светото писмо b (5. Мој. 8:3; Пс. 31:5; Лука 4:4; 23:46). И во текот на неговата служба која траела три и пол години, Исус честопати јавно читал и цитирал делови од Светото писмо и ги објаснувал (Мат. 5:17, 18, 21, 22, 27, 28; Лука 4:16-20).
Во текот на својот живот, Исус покажал дека го сака Светото писмо и дозволил тоа да влијае врз неговите постапки (види во пасус 2)
2. Додека растел, што му помогнало на Исус добро да се запознае со Светото писмо? (Види ја сликата на насловната страница.)
2 Со години пред да почне со својата служба, Исус често ја читал и ја слушал Божјата Реч. Без сомнение, во својот дом тој ги слушал Марија и Јосиф како цитираат од Светото писмо во секојдневните семејни разговори c (5. Мој. 6:6, 7). Може да бидеме сигурни дека Исус одел во синагогата секој сабат заедно со своето семејство (Лука 4:16). Таму сигурно внимателно слушал додека се читало Светото писмо. По некое време, откако научил да чита, Исус можел и самиот да го чита и да го проучува Светото писмо. Како резултат на тоа, тој не само што добро се запознал со Светото писмо туку и го засакал и дозволил тоа да влијае врз неговите постапки. На пример, сети се што се случило во храмот кога Исус имал само 12 години. Учителите, кои многу добро го познавале Мојсеевиот закон, се восхитувале „на [Исусовата] остроумност и на неговите одговори“ (Лука 2:46, 47, 52).
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 И ние можеме да се запознаеме со Божјата Реч и да ја засакаме ако редовно го читаме Светото писмо. Но, што ќе ни помогне да извлечеме поголема корист од она што го читаме? Да видиме што може да научиме од она што Исус им го кажал на оние што го познавале Законот, меѓу кои биле книжниците, фарисеите и садукеите. Овие верски водачи често ги читале Светите списи, но не извлекувале корист од она што го читале. Исус истакнал три работи кои овие мажи требало да ги прават за да извлечат најголема корист од она што го читале во Светите списи. Она што им го кажал ќе ни помогне: 1) да го разбереме она што го читаме, 2) да најдеме скапоцени вистини и 3) да дозволиме Божјата Реч да нѐ обликува.
ЧИТАЈ СО ЦЕЛ ДА РАЗБЕРЕШ
4. Што учиме од Лука 10:25-29 во врска со читањето на Божјата Реч?
4 Ние сакаме да го разбереме она што го читаме во Божјата Реч. Во спротивно, нема да извлечеме целосна корист од она што го читаме. На пример, размисли за разговорот што Исус го водел со еден човек кој го познавал законот. (Прочитај Лука 10:25-29.) Кога човекот го прашал што треба да прави за да добие вечен живот, Исус му го свртел вниманието кон Божјата Реч така што го прашал: „Што е напишано во законот? Што читаш таму?“ Човекот дал точен одговор така што ги цитирал стиховите од Светите списи каде што пишува дека треба да ги сакаме Бог и својот ближен (3. Мој. 19:18; 5. Мој. 6:5). Но, забележи што прашал потоа: „А кој е мојот ближен?“ Со ова прашање открил дека не го разбира вистинското значење на она што го имал прочитано. Како резултат на тоа, не знаел како да ги примени тие стихови на исправен начин.
Можеме да научиме да читаме со разбирање
5. Како ќе ни помогне тоа што ќе се молиме и ќе читаме со побавно темпо?
5 Ќе може подобро да ја разбереме Божјата Реч, така што ќе стекнеме добри навики за читање. Еве некои предлози кои може да ти помогнат. Моли се пред да почнеш да читаш. Бидејќи ни е потребна помошта од Јехова за да ја разбереме Божјата Реч, треба да го молиме да ни даде свет дух за да можеме полесно да се концентрираме. Потоа, читај со побавно темпо. Тоа ќе ти помогне да го разбереш она што го читаш. Би можело да ти биде од помош ако читаш на глас или, доколку е достапно на твојот јазик, да слушаш аудиоснимка од читањето на Библијата додека следиш во својот примерок. На тој начин ќе вклучиш повеќе сетила, и тоа ќе ти помогне Божјата Реч подлабоко да се вреже во твојот ум и во твоето срце (Ис. Нав. 1:8). Откако ќе завршиш со читањето, повторно помоли се за да му се заблагодариш на Јехова што ни ја подарил својата Реч, и за да ти помогне да го примениш она што си го прочитал.
Како тоа што ќе правиш кратки белешки може да ти помогне да го разбереш и да го запомниш она што го читаш? (види во пасус 6)
6. Зошто е корисно да си поставуваш прашања и да правиш кратки белешки додека читаш? (Види ја и сликата.)
6 Да разгледаме уште два предлога кои ќе ти помогнат подобро да ја разбереш Библијата. Поставувај си прашања во врска со она што го читаш. Додека разгледуваш некој извештај, прашај се: „Кои се главните ликови? Кој зборува? Кому му зборува и зошто? Каде и кога се случува дејството?“ Ваквите прашања ќе ти помогнат да ги имаш на ум главните мисли од материјалот што го читаш. Исто така, прави си кратки белешки. Кога го запишуваш она што го читаш, се тераш повеќе да размислуваш, а тоа ќе ти помогне подобро да ги разбереш информациите. Исто така, пишувањето може да ти помогне да го запомниш она што го читаш. Можеш да си запишеш прашања, да запишеш некоја мисла што си ја нашол додека си истражувал, накратко да ги запишеш главните мисли, да напишеш како можеш да го примениш она што го читаш или едноставно да ги запишеш своите чувства. Ако си правиш такви белешки, тоа може да ти помогне да гледаш на Божјата Реч како на порака од Јехова лично за тебе.
7. Која особина ни е потребна додека читаме, и зошто? (Матеј 24:15).
7 Исус кажал дека ни е потребна една важна особина за да можеме да го разбереме она што го читаме во Божјата Реч. Таа особина е проникливоста. (Прочитај Матеј 24:15.) Што е проникливост? Тоа е способност да сфатиме како една мисла е поврзана со друга или во што се разликува една мисла од друга, како и да разбереме нешто што не е веднаш очигледно. Освен тоа, како што рекол Исус, проникливоста ни е потребна за да ги препознаеме настаните кои ги исполнуваат библиските пророштва. Исто така, оваа особина ни е потребна за да извлечеме потполна корист од сѐ што читаме во Библијата.
8. Како можеме да читаме со проникливост?
8 Јехова им дава проникливост на своите слуги. Затоа, во молитва барај од него да ти помогне да ја развиеш оваа особина (Изр. 2:6). Како можеш да постапуваш во склад со твојата молитва? Внимателно размислувај за она што го читаш и забележи како тоа е поврзано со она што веќе го знаеш. Нашите публикации за проучување на Библијата можат да ти помогнат во тоа. На пример, можеш да го користиш Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци. Овие публикации ќе ти помогнат да го разбереш значењето на некој стих од Библијата и да дознаеш на кои сѐ начини може да го примениш тоа во својот живот (Евр. 5:14). Ако читаш со проникливост, сѐ повеќе ќе ја разбираш Божјата Реч.
ЧИТАЈ СО ЦЕЛ ДА НАЈДЕШ СКАПОЦЕНИ ВИСТИНИ
9. Која важна библиска вистина не ја согледале садукеите?
9 Садукеите биле добро запознаени со првите пет книги од Хебрејските списи, но не согледале некои важни вистини од овие книги кои се напишани под водство на светиот дух. На пример, размисли што одговорил Исус кога садукеите го прашувале во врска со воскресението. Тој им одговорил: „Зарем не сте читале во книгата на Мојсеј, во извештајот за грмушката како Бог му рече: ’Јас сум Богот на Аврам, Богот на Исак и Богот на Јаков‘?“ (Мар. 12:18, 26). Иако садукеите сигурно многу пати ги имале прочитано овие стихови, прашањето на Исус открило дека тие не согледале една важна библиска вистина — учењето за воскресение (Мар. 12:27; Лука 20:38). d
10. На што треба да обрнеме внимание кога читаме?
10 Која е поуката за нас? Кога читаме, сакаме да обрнеме внимание на сето она што можеме да го научиме од еден стих или библиски извештај. Ние не сакаме да ги разбереме само основните учења туку и подлабоките вистини и начела што се скриени под површината.
11. Во склад со 2. Тимотеј 3:16, 17, како можеш да најдеш скапоцени вистини во Библијата?
11 Како можеш да најдеш скапоцени вистини кога ја читаш Библијата? Да ги разгледаме стиховите од 2. Тимотеј 3:16, 17. (Прочитај.) Забележи дека „целото Писмо е... корисно“ за 1) поучување, 2) укорување, 3) поправање и 4) воспитување. Ова важи дури и за библиските книги кои не ги користиш често. Кога читаш некој извештај, размисли што учиш од него за Јехова, за неговата намера или за Божјите начела. Размисли како може тој извештај да ти послужи за укорување. Направи го тоа така што ќе забележиш како тие стихови ти помагаат да ги препознаеш и отфрлиш погрешните склоности или ставови, и како ти помагаат да му останеш верен на Јехова. Размисли како може тој извештај да ти користи за поправање, односно да исправиш некое погрешно гледиште на кое можеби си наишол во службата на проповедање. И размисли како може тој извештај да ти користи за воспитување, односно како ти помага да го стекнеш Јеховиното гледиште за работите. Ако ги имаш на ум овие четири работи, ќе најдеш скапоцени вистини кои ќе го збогатат твоето читање на Библијата.
ДОЗВОЛИ БОЖЈАТА РЕЧ ДА ТЕ ОБЛИКУВА
12. Зошто Исус им го поставил на фарисеите прашањето: „Зарем не сте читале?“
12 И во една друга прилика Исус го поставил прашањето „Зарем не сте читале?“ за да открие дека фарисеите имале погрешен став кон Светото писмо (Мат. 12:1-7). e Во таа прилика, фарисеите тврделе дека учениците на Исус го прекршиле сабатот. Тогаш Исус навел два библиски примера и цитирал еден стих од Осија за да покаже дека фарисеите не ја разбрале целта на сабатот и дека не покажале милост. Зошто овие мажи не дозволиле да ги обликува читањето на Божјата Реч? Бидејќи биле горделиви и читале со погрешен став — да им наоѓаат маани на другите. Поради таквиот став, тие не ја разбирале смислата на она што го читале (Мат. 23:23; Јован 5:39, 40).
13. Со каков став треба да ја читаме Библијата, и зошто?
13 Од зборовите на Исус учиме дека треба да ја читаме Библијата со исправен став. За разлика од фарисеите, мора да бидеме понизни и спремни да учиме. Библијата нѐ поттикнува: „Со благост прифатете да се всади во вас Божјата реч“ (Јак. 1:21). Ако сме благи, ќе ѝ дозволиме на Божјата Реч да ја менува нашата личност. Поуките од Библијата во врска со милоста, сочувството и љубовта ќе може да нѐ обликуваат само ако не сме горди и ако немаме критизерски став.
Што ќе ни помогне да се преиспитаме дали дозволуваме Божјата Реч да нѐ обликува? (види во пасус 14) f
14. Што може да ни покаже дали ѝ дозволуваме на Библијата да нѐ обликува? (Види ги и сликите.)
14 Начинот на кој постапуваме со другите може да покаже дали дозволуваме Божјата Реч да нѐ обликува. Бидејќи не дозволиле Божјата Реч да влијае врз нивното срце, фарисеите ги осудувале невините (Мат. 12:7). Слично на тоа, начинот на кој гледаме на другите и начинот на кој постапуваме со нив покажува дали дозволуваме Божјата Реч да нѐ обликува. На пример, дали сме склони да зборуваме за доброто што го гледаме кај другите или веднаш укажуваме на нивните слабости? Дали сме милосрдни и спремни да простуваме, или пак сме критизерски настроени и држиме лутина? Тоа што ќе се преиспитуваме на ваков начин може да открие дали дозволуваме она што го читаме да влијае врз нашите мисли, чувства и постапки (1. Тим. 4:12, 15; Евр. 4:12).
ЧИТАЊЕТО НА БОЖЈАТА РЕЧ ВОДИ ДО СРЕЌА
15. Што чувствувал Исус за Светото писмо?
15 Исус го сакал Светото писмо. Неговите чувства биле пророчки изразени со зборовите кои се запишани во Псалм 40:8: „Задоволство ми е да ја вршам твојата волја, Боже мој, и твојот закон е длабоко во мене“. Како резултат на тоа, тој бил среќен и успешен во службата за Јехова. И ние ќе бидеме среќни и успешни ако и понатаму ја читаме Божјата Реч и ја продлабочуваме нашата љубов кон неа (Пс. 1:1-3).
16. Што си решен да правиш за да извлечеш поголема корист од читањето на Божјата Реч? (Види ја рамката „ Зборовите на Исус можат да ти помогнат да го разбереш она што го читаш“.)
16 Ако ги применуваме советите на Исус и ако го следиме неговиот пример, ќе можеме да извлечеме поголема корист од читањето на Библијата. Ќе го подобриме нашето разбирање на библиските стихови така што ќе се молиме, ќе читаме со побавно темпо, ќе си поставуваме прашања и ќе правиме кратки белешки. Ќе читаме со проникливост така што внимателно ќе размислуваме за она што го читаме и ќе се трудиме да го разбереме со помош на нашите библиски публикации. Ќе научиме уште подобро да ја користиме Библијата, дури и оние стихови кои не ни се толку познати, така што ќе се трудиме во нив да најдеме скапоцени вистини. И, ќе дозволиме Божјата Реч да нѐ обликува така што ќе се трудиме да задржиме исправен став додека читаме. Ако даваме сѐ од себе за да ги правиме овие работи, ќе извлечеме поголема корист од нашето читање на Библијата и уште повеќе ќе се зближиме со Јехова (Пс. 119:17, 18; Јак. 4:8).
ПЕСНА 95 Светлината свети сѐ посилно
a Сите ние што му служиме на Јехова се трудиме да ја читаме неговата Реч секој ден. И многу други ја читаат Библијата, но не го разбираат во потполност тоа што го читаат. Ова било случај и со некои луѓе од времето на Исус. Додека го разгледуваме она што Исус им го кажал на оние што ја читале Божјата Реч, ќе дознаеме некои работи што можат да ни помогнат да извлечеме поголема корист од читањето на Библијата.
b Кога се крстил и бил помазан со свет дух, Исус се сетил на животот што го имал на небото, пред да дојде како човек на Земјата (Мат. 3:16).
c Марија добро ги познавала Светите списи и се осврнувала на нив (Лука 1:46-55). Најверојатно, Јосиф и Марија не можеле да си дозволат да имаат личен примерок од Светите списи. Тие сигурно внимателно слушале додека Божјата Реч се читала во синагогата и затоа подоцна можеле да се сетат на она што го слушале таму.
d Види ја статијата „Приближи му се на Бог — тој е ’Бог на живите‘“, која излезе во Стражарска кула од 1 февруари 2013.
e Прочитај и во Матеј 19:4-6 каде што Исус им го поставил на фарисеите истото прашање: „Зарем не сте читале?“ Иако го имале читано извештајот за создавањето, тие не ги согледале поуките од тој извештај во врска со Божјето гледаше за бракот.
f ОПИС НА СЛИКАТА: За време на еден собраниски состанок, еден од браќата кои помагаат околу техничката поддршка прави неколку грешки. Но, по состанокот, браќата го пофалуваат за неговиот труд наместо да се концентрираат на неговите грешки.