Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Гледав како Јехова ги благословува своите верни слуги

Гледав како Јехова ги благословува своите верни слуги

ВЕРОЈАТНО се сеќаваш на некои разговори што биле од големо значење за тебе. За мене, еден таков разговор се случи пред 50 години. По неколкумесечно патување, потемнети од африканското сонце, заедно со еден пријател си седевме покрај логорски оган во Кенија. Разговаравме за еден филм на религиозна тема, и тогаш мојот пријател рече: „Библијата беше прикажана во погрешно светло“.

Се насмевнав бидејќи мојот пријател не ми изгледаше како религиозна личност. Го прашав: „Што знаеш ти за Библијата?“ Тој не ми одговори веднаш. Но, потоа ми кажа дека мајка му е Јеховин сведок и дека научил некои работи од неа. Тоа ја разгоре мојата љубопитност и го замолив да ми каже нешто повеќе.

Разговаравме речиси цела ноќ. Пријателот ми кажа дека, според Библијата, со светот владее Сатана (Јован 14:30). Некој можеби го знае ова целиот свој живот, но за мене тоа беше нешто ново и сакав да дознаам повеќе. Отсекогаш сум слушал дека со светот владее еден добар и праведен Бог, но тоа не се совпаѓаше со она што го имав видено во животот. Иако имав само 26 години, веќе имав видено многу работи што ме вознемируваа.

Татко ми беше пилот во военото воздухопловство на САД. Затоа, уште како дете бев свесен дека нуклеарната војна е реална опасност. Војската во секој момент беше спремна да употреби нуклеарна бомба. Додека бев на факултет во Калифорнија, беснееше војната во Виетнам. Учествував во студентските протести. Полицијата нѐ бркаше со пендреци, а ние бегавме полузаслепени и тешко дишејќи поради чадот од солзавецот. Тоа беше хаотичен и бурен период. Имаше политички атентати, протести и немири. Луѓето имаа различни идеи за тоа што треба да се прави. Поради сето тоа, бев потполно збунет.

Од Лондон во Централна Африка

Во 1970 год., се вработив на северниот брег на Алјаска и заработив многу пари. Потоа отпатував за Лондон, каде што си купив мотор и продолжив да возам кон југ без некаква одредена цел. По неколку месеци, стигнав во Африка. За време на моето патување, запознавав луѓе кои, исто како мене, сакаа да избегаат од своите проблеми.

Поради сето она што го имав видено и чуено, учењето од Библијата дека едно злобно духовно суштество управува со работите во светот, ми имаше смисла. Но, сакав да знам каде беше Бог во сето тоа.

Во наредните месеци, го најдов одговорот. Исто така, со текот на времето запознав и засакав голем број мажи и жени кои му останаа верни на единствениот вистински Бог во најразлични околности.

СЕВЕРНА ИРСКА — „ЗЕМЈА НА БОМБИ И КУРШУМИ“

Кога се вратив во Лондон, стапив во контакт со мајката на мојот пријател, и таа ми даде Библија. Подоцна, кога отидов во Амстердам (Холандија), еден Сведок ме виде како ја читам Библијата под улично светло и ми помогна да дознаам нешто повеќе. Потоа, отидов во Даблин (Ирска) и ја најдов подружницата на Јеховините сведоци. Чукнав на влезната врата и таму го запознав Артур Метјус — еден мудар и искусен брат. Го замолив да ја проучува Библијата со мене, и тој се согласи.

Почнав да проучувам со голем ентузијазам и просто ги голтав публикациите што ги издаваа Јеховините сведоци. А се разбира, ја читав и Библијата. Беше многу возбудливо! На собраниските состаноци видов дека дури и дечињата ги знаеја одговорите на прашања за кои многу учени луѓе со векови размислуваат: „Зошто постои злото? Кој е Бог? Што се случува кога ќе умреме?“ Сите мои пријатели беа Сведоци бидејќи не ни познавав некој друг во таа земја. Тие ми помогнаа да го засакам Јехова и да имам желба да му служам.

Најџел, Денис и јас

Се крстив во 1972 год. Една година подоцна, почнав да служам како пионер во едно мало собрание во Њури (Северна Ирска). Изнајмив една куќичка од камен во едно планинско место. Во близина имаше поле каде што пасеа крави, и моите говори ги вежбав пред нив. Изгледаше дека внимателно ме слушаа додека ја џвакаа храната. Не можеа да ми дадат некој совет, ама ми помагаа да вежбам контакт со публиката. Во 1974 год., бев именуван како специјален пионер и служев заедно со Најџел Пит, кој ми стана доживотен пријател.

Во тоа време, во Северна Ирска имаше многу насилство. Затоа, некои со право ја нарекуваа Северна Ирска „земја на бомби и куршуми“. Уличните тепачки, снајперските напади, пукањата и автомобилските бомби беа секојдневие. Проблемите обично беа и од религиозна и од политичка природа. Сепак, и протестантите и католиците знаеја дека Сведоците не заземаат страна во политиката, па затоа можевме слободно и безбедно да проповедаме. Луѓето на подрачјето обично знаеја кога и каде ќе има насилство и нѐ предупредуваа за да не се најдеме во опасност.

Сепак, имаше и опасни ситуации. Еден ден, со Денис Кариган, еден брат кој исто така беше пионер, проповедавме во еден град во близина во кој бевме само еднаш и во кој немаше ниту еден Сведок. Една жена нѐ обвини дека сме британски војници — веројатно затоа што не зборувавме со ирски акцент. Тоа обвинение нѐ исплаши. Некој можеше да биде убиен или да му биде пукано во коленото дури и ако само пријателски се однесуваше со војниците. Додека сами и измрзнати го чекавме автобусот надвор, видовме како еден автомобил застанува кај кафулето во кое жената нѐ обвини. Таа излезе и разговараше со двајцата мажи во автомобилот, вознемирено покажувајќи кон нас. Колата полека ни се приближи и двајцата мажи ни поставија неколку прашања за возниот ред на автобусот. Кога автобусот пристигна, тие зборуваа со возачот. Но, не можевме да чуеме за што зборуваат. Бидејќи немаше други патници, бевме уверени дека се договараат да ни направат нешто надвор од градот. Но, тоа не се случи. Кога се симнав од автобусот, го прашав возачот: „Дали тие двајца прашуваа за нас?“ Тој одговори: „Знам кои сте и им го кажав тоа. Не грижете се, на безбедно сте“.

Нашата венчавка, во март 1977

Во 1976 год., на еден областен конгрес a во Даблин, ја запознав Полин Ломакс, која служеше како специјален пионер и беше дојдена од Англија. Таа беше љубезна, понизна и духовно зрела сестра. Полин и нејзиниот брат Реј ја знаеја вистината целиот свој живот. Следната година се венчавме и продолживме да служиме како специјални пионери во Балимена (Северна Ирска).

Некое време бевме во покраинското дело и им служевме на браќата во Белфаст, во Лондондери и во други опасни места. Бевме охрабрени од верата на нашите браќа и сестри кои успеаја да расчистат со длабоко вкоренетите религиозни верувања, предрасудите и омразата за да му служат на Јехова. Тој многу ги благословуваше и им помагаше!

Во Ирска живеев десет години. Потоа, во 1981 год., бевме поканети на 72-от клас на Гилеад. По дипломирањето, бевме испратени во Сиера Леоне (Западна Африка).

СИЕРА ЛЕОНЕ — ВЕРА И ПОКРАЈ СИРОМАШТИЈА

Живеевме во мисионерски дом заедно со 11 прекрасни луѓе. Делевме една кујна, три тоалети, два туша, еден телефон, една машина за перење алишта и една машина за сушење. Честопати и неочекувано имаше прекини на струјата. Таванот беше полн со стаорци, а во подрумот лазеа кобри.

Минуваме една река за да присуствуваме на конгрес во соседната Гвинеја

Иако условите не беа идеални, службата ни носеше вистинска радост. Луѓето имаа почит кон Библијата и внимателно нѐ слушаа. Многумина проучуваа и ја прифатија вистината. Локалните жители ме нарекуваа „господин Роберт“, а Полин ја нарекуваа „госпоѓа Роберт“. Но подоцна, откако поголемиот дел од времето работев во подружницата и помалку одев во служба, луѓето почнаа да ја нарекуваат Полин „госпоѓа Полин“, а јас станав „господин Полин“. Нејзе тоа ѝ се допаѓаше!

Проповедничка акција во Сиера Леоне

Многу од нашите браќа и сестри беа сиромашни, но Јехова секогаш се грижеше за нивните потреби. Понекогаш, на невообичаени начини (Мат. 6:33). Се сеќавам на една сестра која имаше пари само колку да купи храна за тој ден за себе и за своите деца. Но, таа му ги даде сите пари што ги имаше на еден брат кој немаше доволно пари да купи лек за маларија. Подоцна истиот тој ден, една жена неочекувано дошла кај сестрата, ја замолила да ѝ направи фризура и ѝ платила за тоа. Имаше и многу други такви ситуации.

НИГЕРИЈА — СЕ ПРИСПОСОБУВАМЕ НА НОВА КУЛТУРА

Во Сиера Леоне бевме девет години. Потоа бевме префрлени да служиме во Бетелот во Нигерија. Сега бевме во една голема подружница. Јас продолжив со истата канцелариска работа што ја вршев во Сиера Леоне, но за Полин ова беше голема и тешка промена. Таа порано поминуваше 130 часа месечно во служба и проучуваше со луѓе кои добро напредуваа. А сега доби задача да работи во бетелската шивална, каде што деновите ги минуваше поправајќи облека. Ѝ требаше време да се навикне, но сфати дека другите многу ја ценат нејзината работа. Си постави цел да прави сѐ што може за да ги храбри браќата и сестрите во Бетел.

Културата на Нигерија беше нешто ново за нас. Имавме уште многу да учиме. Во една прилика, еден брат дојде во мојата канцеларија за да ме запознае со една сестра, која штотуку беше примена во Бетел. Кога јас ѝ ја подадов раката за да се поздравам, таа падна на колена и ми се поклони. Бев шокиран. Низ главата ми прелетаа два стиха — Дела 10:25, 26 и Откровение 19:10. Си помислив: „Треба ли да ѝ кажам да не го прави тоа?“ Но, во истиот момент ми текна дека таа е примена во Бетел и знае што пишува во Библијата.

Додека траеше разговорот, ми беше непријатно. Но, потоа истражував и дознав дека сестрата постапила според еден традиционален обичај, кој во тоа време сѐ уште се практикуваше во некои делови од земјата. И мажите го држеа тој обичај. Тоа не беше чин на обожавање, туку начин да покажат почит. И во Библијата има слични такви примери (1. Сам. 24:8). Ми беше мило што не избрзав да кажам нешто во незнаење, поради што мојата сестра би се чувствувала посрамено.

Запознавме многу Нигеријци кои низ годините покажуваа извонредна вера. Еден таков пример е Исаија Адагбона. b Тој ја дознал вистината уште како млад, но потоа се разболел од лепра. Тој беше испратен во една населба за лепрозни, каде што беше единствениот Сведок. И покрај противењето, успеа да им помогне на повеќе од 30 лепрозни да ја прифатат вистината и да формира собрание во населбата.

КЕНИЈА — БРАЌАТА БЕА СТРПЛИВИ СО МЕНЕ

Средба со еден мал носорог во Кенија

Во 1996 год., бевме префрлени во подружницата во Кенија. Тогаш за првпат дојдов во оваа земја по случката што ја спомнав на почетокот. Живеевме во Бетел. Меѓу посетителите што доаѓаа на имотот беа и зелените мајмуни. Тие ги „ограбуваа“ сестрите кои го носеа овошјето. Еден ден, една сестра во Бетел го имала оставено прозорецот отворен. Кога влегла во собата, имала што да види — група мајмуни се гоштавале со храната што ја нашле во собата. Таа викнала на сет глас и излетала од собата, а мајмуните врескале и скокнале низ прозорецот.

Со Полин почнавме да служиме во едно собрание на јазикот свахили. По кратко време, добив задача да водам Собраниско проучување на книга (кое сега се нарекува Собраниско проучување на Библијата). Сепак, моето познавање на јазикот беше на ниво на мало дете. Го подготвував материјалот однапред, и затоа можев да ги прочитам прашањата. Но, ако коментарите на присутните макар и малку се разликуваа од она што беше напишано, не ги разбирав. Ми беше непријатно и ми беше жал за браќата и сестрите. Голем впечаток ми остави тоа што беа стрпливи и понизно прифатија јас да го водам состанокот.

СОЕДИНЕТИТЕ ДРЖАВИ — ВЕРА И ПОКРАЈ МАТЕРИЈАЛНОТО БОГАТСТВО

Во Кенија бевме помалку од една година. Потоа, во 1997 год., бевме поканети во Бетелот во Бруклин (Њујорк). Сега бевме во земја во која луѓето имаат многу во материјален поглед, што понекогаш исто така може да води до проблеми (Изр. 30:8, 9). Но, дури и во ваква земја, браќата и сестрите покажуваат голема вера. Тие ги користат своите средства и своето време не за да се збогатат, туку за да го поддржуваат делото на Јеховината организација.

Низ годините, видовме како нашите браќа и сестри покажуваат вера во различни околности. Во Ирска, браќата покажуваа вера и покрај граѓанските немири. Во Африка, браќата покажуваа вера и покрај тоа што беа сиромашни и живееја на места каде што немаше Сведоци. Во Соединетите Држави, браќата покажуваат вера и покрај материјалното богатство. Колку мора да е среќен Јехова кога ќе погледне кон Земјата и ќе види луѓе кои ја покажуваат својата љубов кон него без разлика во каква ситуација се наоѓаат!

Со Полин во Бетелот во Ворвик

Годините летнаа — „побрзо и од совалката на ткајачот“ (Јов 7:6). Сега соработуваме со браќата и сестрите во главното седиште во Ворвик (Њујорк). Се радуваме што и понатаму можеме да служиме со луѓе кои вистински се сакаат еден со друг. Среќни сме и исполнети поради тоа што можеме да го поддржуваме нашиот Цар, Исус Христос, кој наскоро ќе ги награди сите оние кои му се верни на Јехова (Мат. 25:34).

a Обласните конгреси сега ги нарекуваме регионални конгреси.

b Животната приказна на Исаија Адагбона излезе во Стражарска кула од 1 април 1998, стр. 22-27. Тој почина во 2010 год.