Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Добрите вредности се како компас кој може да му покаже на детето во кој правец да оди

ЗА РОДИТЕЛИ

7. Вредности

7. Вредности

ШТО ЗНАЧИ ТОА

Вредности се морални мерила и принципи според кои избираш да живееш. На пример, ако се трудиш да бидеш чесен во сѐ, тогаш веројатно ќе сакаш и твоите деца да научат да бидат чесни.

Сигурно би сакал да ги поучиш децата и да бидат трудољубиви, пристојни, фер и обѕирни кон другите — особини кои најдобро можат да се развијат додека некој е сѐ уште дете.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди, па нема да скршне од него ни кога ќе остари (Изреки 22:6).

ЗОШТО Е ВАЖНО

Во оваа ера на технологија, моралните вредности се неопходни. Една мајка по име Карин вели: „Децата можат да бидат изложени на лошо влијание во секое време, преку кој и да било електронски уред. Тие можат да седат до нас, а во исто време да гледаат нешто непристојно!“

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: На зрелите моќта на согледување преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло (Евреите 5:14).

Неопходни се и убавите манири. Да се покажуваат убави манири значи да се биде учтив (на пример, да се кажува „те молам“ и „фала“) и да се биде обѕирен кон другите — нешто што денес е многу ретко. Денес луѓето повеќе се интересираат за електронските уреди, отколку за другите.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: Како што сакате луѓето да ви прават вам, така правете им и вие ним (Лука 6:31).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Поучи ги децата за твоите морални вредности. На пример, според истражувањата поголема е веројатноста тинејџерите да немаат предбрачен секс доколку биле поучени дека тоа е погрешно.

ПРЕДЛОГ: Искористи некој актуелен настан за да почнеш разговор со детето за моралните вредности. На пример, доколку на вести се спомне некое убиство, можеш да кажеш: „Ужасно е што некои луѓе чувствуваат толкав гнев кон другите. Што мислиш, како станале такви?“

„Многу е потешко децата да постапуваат исправно ако не знаат што е исправно, а што погрешно“ (Брендон).

Научи ги децата на обѕирност и на добри манири. Дури и малите деца можат да научат да кажуваат „фала“ и „те молам“ и да покажуваат обѕир кон другите. Во една книга за воспитување на децата стои: „Колку повеќе децата сфаќаат дека не се центарот на светот, дека постојат и други луѓе околу нив — во семејството, на училиште, во општеството — толку поспремни ќе бидат да прават работи кои ќе им користат и на другите“ (Parenting Without Borders).

ПРЕДЛОГ: Давај им задачи на децата низ дома за да сфатат дека е важно да прават добри работи за другите.

„Доколку нашите деца сега научат да си ги исполнуваат обврските, тоа нема да им биде тешко кога ќе си заминат од дома. Веќе ќе знаат дека тоа е составен дел од животот“ (Тара).