ЗЕМЈИ И НАРОДИ
Во посета на Монголија
ЏИНГИС-ХАН живеел во 12 век и бил бестрашен воин. Тој ги поставил темелите на тогашното Монголско Царство. Денешната територија на Монголија е многу мала во споредба со нејзината првобитна големина. Оваа земја која граничи со Русија и Кина е една од најретко населените земји во светот.
Монголија изобилува со степи кои имаат бујна вегетација, со пасишта, високи планини, реки и потоци. Во јужниот дел на земјата се протега пустината Гоби која е позната по добро зачуваните остатоци од диносауруси. Монголија се наоѓа на 1.580 метри надморска височина и локалните жители ја нарекуваат „земја на синото небо“. Ова име е соодветно затоа што во Монголија има повеќе од 250 сончеви денови во годината.
Снежен леопард
Монголците се навикнати на екстремни климатски разлики. Во лето температурата достигнува и до 40 степени Целзиусови, додека во зима може да
достигне и до минус 40 степени. Скоро една третина од жителите на Монголија се номади. Нивниот ден започнува рано наутро со молзење на козите, кравите, камилите и кобилите. Монголците обично јадат млечни производи и месо. Омилено им е овчото месо.Погачи од засирено млеко, наречени aaruul, се сушат на сонце
Тие се гостопримлив народ. Живеат во јурти, односно преносни шатори, кои ги оставаат отворени за да може секој минувач да се одмори и да поткасне од храната која е приготвена за него. На гостите им се служи млечен чај во кој често се додава малку сол.
Будизмот сѐ уште има длабоки корени во Монголија. Иако голем број луѓе не се дел од ниту една религија, некои се припадници на шаманизмот, исламот и христијанството. Во Монголија има повеќе од 350 Јеховини сведоци кои моментално ја проучуваат Библијата со преку 770 лица.
Двогрба камила која носи тежок товар дури и на многу ниски температури