Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Младите прашуваат

Што да очекувам од бракот? — дел 2

Што да очекувам од бракот? — дел 2

ВО ПРЕТХОДНИОТ БРОЈ разгледавме некои убави работи и некои проблеми што можеш да ги очекуваш во бракот.

ВО ОВОЈ БРОЈ ќе разгледаме зошто треба да го очекуваш неочекуваното.

Означи ги со ✔ соодветните квадратчиња, а потоа со бројки подреди ги по важност.

Очекувам мојот иден брачен другар...

  • да биде убав

  • да ми помогне да имам подобро мислење за себе

  • да има исти цели како мене

  • да сака ист вид рекреација

Ако сакаш да си најдеш брачен другар, не е ништо погрешно да имаш вакви очекувања. Можеби дури ќе најдеш некој што ќе ги исполнува сите овие очекувања. Но, реално гледано, со времето луѓето се менуваат — а се менуваат и околностите.

Заклучок: Ако сакаш твојот брак да биде успешен, мораш да го очекуваш неочекуваното.

Пријатни изненадувања. Некои работи што не си ги очекувал пред бракот можат пријатно да те изненадат откако ќе стапиш во брак.

„Сега, откако се зедовме, гледам дека Марија a има многу поголема смисла за хумор отколку што мислев. Бидејќи имаме поурамнотежено гледиште за себеси, дури и проблемите со кои се соочуваме не изгледаат толку страшни“ (Марк).

Непријатни изненадувања. Некои работи што не си ги очекувал пред да стапиш во брак можат непријатно да те изненадат. Да разгледаме еден пример.

Замисли си дека ти и твојот иден брачен другар имате цел да служите таму каде што има поголема потреба. Но, што ако по стапувањето во брак твојот брачен партнер се разболи и нема да можете да ја остварите вашата цел? Такво нешто навистина може да се случи бидејќи Библијата вели дека „непредвидените настани го снаоѓаат секого“ (Проповедник 9:11). Нема збор дека ќе ти биде тешко поради состојбата на твојот брачен другар, а сигурно и ќе се разочараш затоа што нема да можете да ја постигнете вашата цел. Но, ако се појават вакви непредвидени работи, тогаш едноставно ќе мора да ја прифатиш реалноста и да ги направиш потребните промени. На крајот на краиштата, ти си стапил во брак заради личноста, а не заради целта.

Заклучок: Како што вели Библијата, оние што стапуваат во брак минуваат низ извесни „неволји“ (1. Коринќаните 7:28). Понекогаш таквите неволји се резултат на непредвидени околности.

Како можеш да се подготвиш за неочекуваното? Ако стапиш во брак, ќе ти требаат две работи.

1. ОБЈЕКТИВНО ГЛЕДИШТЕ

Без разлика колку си одговарате со твојот иден брачен другар, треба да очекувате дека...

  • нема секогаш да се согласувате за сѐ.

  • нема секогаш исти работи да ви бидат важни.

  • нема секогаш да уживате во исти активности.

  • нема секогаш да бидете во љубовен занес.

Ова се некои вообичаени ситуации. Но, тие нема да ти го разнишаат бракот освен ако ти не им дозволиш! Не заборавај, Библијата вели дека љубовта „сѐ поднесува“ и „никогаш не престанува“ (1. Коринќаните 13:4, 7, 8).

Факт: Дали твојот брак ќе успее или не, не зависи од проблемите со кои ќе се соочите, туку од тоа како ги решавате (Колошаните 3:13).

2. ЧУВСТВО НА ОБВРСКА

Ако ти и твојот брачен партнер сте решени да останете заедно — и во добро и во лошо — ќе можете полесно да ги пребродите неочекуваните брачни бури (Матеј 19:6).

Некои сметаат дека брачната обврска го прави бракот товар. Но, всушност, точно е токму спротивното! Чувството на обврска ѝ дава стабилност на вашата врска. Кога ќе се случи нешто неочекувано, ти и твојот сопружник ќе барате решение, а не најлесен излез од бракот.

За да го задржиш чувството на обврска, треба да имаш реалистично, а не идеалистично гледиште за бракот. За да ја увидиш разликата пробај ја следнава вежба.

1) Замисли си дека имаш бесплатен авионски билет со кој можеш да патуваш каде било во светот. Каде би сакал да одиш, и зошто?

Дестинација:

Причина:

  • природа

  • култура

  • клима

  • рекреација

  • друго

2) Замисли си дека авионскиот билет е во еден правец и дека местото каде одиш ќе биде твое постојано место на живеење.

Која дестинација би ја избрал сега, ако воопшто и одлучиш да патуваш?

  • Дестинација:

  • или

    ќе останам каде што сум.

Веројатно твојата прва и втора дестинација се разликуваат. Дури и да се исти, најверојатно повеќе размислуваше пред да ја напишеш втората дестинација. Наместо да се ставиш во улога на турист кој се излежува на плажа или се искачува по планински патеки, мораше да се замислиш како постојан жител во новото место кој се соочува и со добрите и со лошите работи што ги носи животот.

Вака треба да гледаш и на бракот. Факт е дека со текот на времето околностите се менуваат. А веројатно ќе се менувате и ти и твојот брачен другар. Успехот многу ќе зависи од тоа дали си спремен за неочекуваното и како ќе се справиш во таква ситуација.

Размисли: Колку добро се справуваш со неочекуваните ситуации во животот сега, додека уште не си во брак?

 

a Некои имиња во оваа статија се сменети.

ЗОШТО НЕ ГИ ПРАШАШ РОДИТЕЛИТЕ?

На какви неочекувани благослови и предизвици наидовте во првите години од бракот? Како можам да се подготвам за неочекуваното ако еден ден стапам во брак?