Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поглед во светот

Поглед во светот

„Речиси половина од случаите на рак што годишно се дијагностицираат во [Обединетото Кралство] — вкупно над 130.000 — се последица од фактори што можеле да се избегнат, како пушење, алкохолизам и лоша исхрана“ (БИ-БИ-СИ, БРИТАНИЈА).

„Организираниот криминал управува со раширена и сѐ пософистицирана мрежа на нелегална трговија со делови од тело на диви животни поради која, како никогаш досега, [се] десеткува бројот на најомилени видови во светот“ (ЗДРУЖЕНИЕ ЗА ЗАШТИТА НА ДИВИТЕ ЖИВОТНИ, САД).

Луѓето кои во просек поминуваат шест часа дневно пред телевизор живеат 4,8 години помалку од оние што воопшто не гледаат телевизија. Со други зборови, секој час поминат пред телевизор го скратува животниот век за 22 минути (BRITISH JOURNAL OF SPORTS MEDICINE, БРИТАНИЈА).

Во Германија, над 90 отсто од жените кај чие неродено дете е дијагностициран Даунов синдром се решаваат на абортус (DER TAGESSPIEGEL, ГЕРМАНИЈА).

Стресот во градовите

Истражувањата покажуваат дека „луѓето што живеат во големите градови реагираат понасилно кога се под стрес отколку оние што живеат во помалите“, вели полското списание Przekrój. „Во големите градови има повеќе извори на дразби“, објаснува Мјечислав Јаскулски, психотерапевт при Лабораторијата за психоедукација во Варшава. „Кај луѓето во големите градови ризикот од напади на анксиозност е 21 отсто поголем отколку кај луѓето што живеат на село, а ризикот од растројства на расположението е поголем за 39 отсто.“ Што ќе им помогне на луѓето во градовите? Списанието Przekrój ги дава следниве предлози: „Не вознемирувај се за работи што се вон твоја контрола“, „не мисли на работата кога ќе си дојдеш дома“, „оди на прошетка“ и „не плаши се да земеш одмор“.

Колку информации остануваат на Фејсбук?

Еден студент по право од Австрија сакал да испита колку податоци за него се сочувани на најголемата социјална мрежа за трите години колку што ја користи, па затоа побарал да му дадат копија од тие податоци. Фејсбук му испратил CD со 1.222 страници. Како што известува германскиот весник Der Tagesspiegel, студентот рекол: „Беше сочувано сѐ — секоја порака, секој разговор, па дури и доверливи податоци за пријателите“. На CD-то имало и информации за кои бил сигурен дека ги избришал!