Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА 6

Какви промени во бракот внесуваат децата

Какви промени во бракот внесуваат децата

„Синовите се наследство од Јехова“ (Псалм 127:3)

Кога ќе се роди едно бебе, родителите се многу радосни, но во исто време и загрижени. Како нови родители, можеби ќе ве изненади тоа што поголемиот дел од времето и силите ќе треба да ги посветите на грижата околу бебето. Недоволното спиење и емоционалните промени може да ве стават под притисок. За да си го зачувате бракот додека се грижите за бебето, ти и твојот брачен другар ќе мора да направите некои промени. Како може Библијата да ви помогне во тоа?

1. СФАТЕТЕ КАКО БЕБЕТО ВИ ГО МЕНУВА ЖИВОТОТ

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Љубовта е долготрпелива и љубезна.“ Исто така, љубовта „не ја бара својата корист, не се раздразнува“ (1. Коринќаните 13:4, 5). Кога стануваш мајка, сосема природно е да му го посветиш своето внимание на бебето. Поради тоа, твојот сопруг можеби ќе се почувствува запоставен. Но, не заборавај дека и тој има потреба од твоето внимание. Ако си стрплива и љубезна, ќе му помогнеш да чувствува дека ти е потребен и дека може да ти помага околу грижата за бебето.

„Вие, мажи, живејте со своите жени во склад со она што сте го научиле“ (1. Петрово 3:7). Мора да го прифатиш фактот дека поголемиот дел од својата сила и внимание твојата сопруга ќе ги посвети на бебето. Бидејќи има нови одговорности, таа може да биде исцрпена и под стрес, па дури и да се чувствува депримирано. Затоа, понекогаш можеби ќе се случи и да ти се налути за нешто, но обиди се да останеш смирен, бидејќи оној што е „бавен на гнев, подобар е од силниот човек“ (Изреки 16:32). Покажи разбирање и направи сѐ што можеш за да ѝ помогнеш (Изреки 14:29).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

  • Татковци: Помагајте ѝ на сопругата во грижата околу бебето, дури и ноќе. Намалете го времето што го трошите на други активности за да имате повеќе време за неа и за бебето.

  • Мајки: Кога вашиот сопруг ќе се понуди да помогне околу бебето, прифатете ја неговата помош. Ако нешто направил погрешно, немојте да го критикувате туку љубезно покажете му како треба да се направи тоа.

2. ЗАЈАКНЕТЕ ЈА БРАЧНАТА ВРСКА

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Двајцата ќе станат едно тело“ (1. Мојсеева 2:24). Иако во семејството имате нов член, не заборавајте дека вие двајцата и понатаму сте „едно тело“. Дајте сѐ од себе за вашиот брак да остане цврст.

Сопруги, ценете ја помошта што ја добивате од својот сопруг. Вашите зборови на благодарност можат да бидат како „лек“ (Изреки 12:18). Сопрузи, кажете ѝ на вашата жена колку многу ја сакате и цените. Пофалувајте ја за она што го прави за семејството (Изреки 31:10, 28).

„Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24). Секогаш постапувај онака како што е најдобро за твојот сопружник. Одвојувајте време да разговарате еден со друг, слушајте го другиот додека зборува и кажувајте си пофални зборови. Бидете несебични кога станува збор за интимниот живот. Земете ги предвид потребите на другиот. Библијата вели: „Не лишувајте се еден од друг, освен по договор“ (1. Коринќаните 7:3-5). Разговарајте на таа тема отворено. Тоа што ќе покажувате стрпливост и разбирање ќе го зајакне вашиот брак.

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

  • Не заборавајте да си посветувате време и еден на друг, а не само на бебето.

  • Правете ситни работи со кои ќе ја покажете вашата љубов кон сопружникот — напишете му нешто убаво или дајте му мал подарок.

3. КАКО ДА ГО ВОСПИТУВАТЕ БЕБЕТО

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Од рано детство ги познаваш светите списи, кои можат да те направат мудар за да добиеш спасение“ (2. Тимотеј 3:15). Договорете се како ќе го поучувате вашето бебе. Тоа има неверојатна способност да учи, дури и пред да се роди. Уште додека е во матката, бебето може да ги препознае вашите гласови и да реагира на вашите емоции. Почнете да му читате уште додека е многу мало. Иако можеби нема да го разбере она што му го читате, од мали нозе ќе му всадите љубов кон читањето.

Не треба да чекате вашето бебе да порасне за да му зборувате за Бог. Нека ве слуша додека му се молите на Јехова (5. Мојсеева 11:19). Дури и кога си играте со него, зборувајте му за работите што ги направил Бог (Псалм 78:3, 4). Како што расте, детето ќе забележи дека го сакате Јехова и ќе научи и тоа да го сака.

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

  • Молете го Бог да ви даде мудрост исправно да го воспитувате вашето бебе.

  • Повторувајте му ги на бебето важните зборови и изрази за да почне рано со процесот на учење.