ПЕТЕР ХАМАДЕЈ | ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Јехова ни помогна да донесеме мудри одлуки
Роден сум во 1952 год. во Карлови Вари, a град кој се наоѓа во најзападниот дел од поранешна Чехословачка, близу до границата со Германија. Поради тоа што имавме германско потекло, на училиште се однесуваа непријателски со мене и со мојот постар брат, Милан. Од таа причина, во 1966 год., нашето семејство се пресели во Франкфурт (Германија).
Моите родители беа Јеховини сведоци. Но, за жал, додека уште бев мал, беа отстранети од христијанското собрание. Како резултат на тоа, пораснав без духовни цели.
Со текот на времето, моите родители се вратија кај Јехова. Исто така, Милан со голема ревност ја прифати вистината и одлучи да се крсти на еден конгрес во Хановер. И јас се крстив истиот ден! Тогаш имав 15 години. Сепак, кратко потоа, ги убедив моите родители да ми дозволат да се преселам во Берлин, каде што се запишав на училиште за ликовна уметност.
Во текот на школувањето имав доволно време да размислувам за две прашања што ме измачуваа: Дали постои Творец? И, дали Библијата навистина е Божја Реч? На часовите по уметност сфатив дека сложените детали и убавината на една уметничка слика не се ништо во споредба со работите од природата кои ги сликавме. Така дојдов до заклучок дека, ако уметничките слики не настанале сами од себе, тогаш ниту работите од природата кои ги сликавме не настанеле сами од себе!
Одговорот на моето второ прашање го најдов кога почнав да истражувам како древната историја ја потврдува точноста на библиските пророштва. Така постепено си докажував дека Библијата навистина е Божја Реч (1. Солуњаните 2:13).
Една од моите уметнички слики (1980)
Освен тоа што лично истражував, имав и долги разговори со еден старешина кој ме зеде под своја закрила. Мојата вера во Јехова стануваше сѐ посилна, па така уметноста веќе не ми беше најважна во животот. Во 1972 год., донесов една од најважните одлуки во мојот живот — станав пионер во Берлин. На почеток имав за цел да служам како пионер три месеци.
Му служам на Јехова на нови места
Да се биде пионер во Берлин беше вистински предизвик. Во овој град добрата вест била проповедана скоро 100 години, а сепак изгледаше дека нема многу заинтересирани луѓе. Беше вистинско чудо кога најдов едно заинтересирано лице со кое започнав библиски курс! Ова ме увери дека со Јеховина помош можам да проповедам секаде. Затоа продолжив со пионерската служба.
Една година подоцна, подружницата ме праша дали би сакал да научам српско-хрватски јазик b за да им проповедам на Југословените кои работеа во Германија. Со задоволство се согласив и, за кратко време, добив задача да служам во Франкфурт. Таму го учев српско-хрватскиот јазик со Ханс и Соња Смоде, кои само што дипломираа на школата Гилеад. Откако поминав три месеци со нив, добив задача да служам како специјален пионер во Штутгарт. Следните две години, од 1973 до 1975, се селев неколку пати и имав пет различни партнери во пионерската служба.
Подоцна, добив задача да служам во српско-хрватската група во Карлсруе. Таму ја запознав мојата доживотна партнерка — една трудољубива специјална пионерка по име Ленка. Веднаш се заљубив во неа, и набрзо се венчавме. Кратко потоа, во 1978 год., бевме поканети да служиме во патувачкото дело на југословенско подрачје.
Со Ленка
Тешка одлука
Околу десет години ги посетувавме групите и собранијата, патувајќи низ цела Европа. По некое време, ваквиот начин на живот се одрази врз нас. Кога Ленка беше тотално исцрпена, мислеше дека причината е тоа што нема доволно вера, па затоа се даваше уште повеќе во службата. Тоа не беше најдобро решение, но не знаевме што друго да правиме. Сесрдно го молевме Јехова за водство.
Во патувачкото дело
Добивме одговор на нашите молитви кога се консултиравме со лекар. Тој љубезно ни помогна да станеме свесни за нашите физички и емоционални граници (Михеј 6:8). Сфативме дека мора да престанеме со покраинската служба, но ни беше многу тешко да го прифатиме тој факт. Разговаравме за нашата ситуација со неколку искусни надгледници во Бетел. На наше изненадување, тие предложија да продолжиме со полновремената служба во подружницата во Австрија, како преведувачи на српско-хрватски јазик. Оваа промена ѝ помогна на Ленка постепено да се опорави. Преку мудри советници, Јехова ни помогна да не донесеме избрзана одлука (Изреки 15:22).
Тешки одлуки за време на војна
По две години во Виена, Ленка и јас бевме испратени да служиме во подружницата во Загреб, која го надгледуваше делото во тогашна Југославија. Иако Југословените потекнуваа од различни култури и религии, сѐ до 1991 год., кога избувна граѓанската војна, повеќето од нив живееја во мир. Неколку месеци пред да почне војната, Одборот на земјата подготвуваше меѓународен конгрес на кој требаше да бидат присутни Сведоци од сите делови на Југославија.
Ленка работи како преведувач во подружницата во Виена (Австрија)
Ние се молевме, разговаравме за ситуацијата и одлучивме да продолжиме со подготовките за конгресот. Исто така, соработувавме со локалните власти за да се осигураме дека нашите браќа, што ќе дојдат од други земји, ќе бидат безбедни. Бевме пресреќни што пет члена на Водечкото тело присуствуваа на конгресот! Програмата беше токму она што им беше потребно на браќата и сестрите.
Отприлика по една година откако почна војната, Одборот на земјата беше известен дека нашите браќа во Сараево и други делови од Босна се при крај со храна, дрва за огрев и лекови. Српската војска ги опколила нивните градови и никој не можел да им ја донесе неопходната помош. Сесрдно го молевме Јехова да ни даде водство како да им помогнеме на браќата.
Подружницата во Австрија ни помогна да организираме хуманитарна помош и покрај тоа што беше ризично. c На 26 октомври 1993 год., од Виена тргнаа камиони со 16 тони хуманитарна помош за нашите браќа и сестри во Босна.
Кога им носевме хуманитарната помош на Сведоците во Сараево
Додека минувавме низ завојуваното подрачје, на своја кожа почувствуваме дека „раката на Јехова не станала прекратка, па да не може да спаси“ (Исаија 59:1). Никогаш нема да го заборавиме тоа ризично патување од Зеница до Сараево. Кога бевме на само 40 километри од Сараево, моравме да свртиме по друг пат кој беше долг 140 километри и минуваше низ шума.
Кога се приближивме до Сараево, побарав да зборувам со еден командант, за кој подоцна дознав дека бил генерал. Тој не веруваше дека ќе успееме да ја доставиме помошта. Но, кога слушна дека сме Јеховини сведоци, ме праша дали познавам еден брат по име Хајрудин. Му реков дека тој е наш пријател. Командантот рече: „Па тој е и мој пријател! Заедно учевме. Од кога стана Сведок, уште повеќе го ценам“.
Генералот ни постави уште неколку прашања во врска со нашите верувања и потоа ни дозволи да користиме таен тунел за да им ги доставиме работите на нашите браќа во Сараево. Дури и на две ноќи ја сопре доставата на воени пратки за да може неговите војници да ја пренесат нашата хуманитарна помош низ тесниот тунел. Во текот на тие две ноќи, војниците напорно работеа за да ги пренесат пакетите кои тежеа по околу 27 килограми. Никогаш немаше да успееме да ги доставиме работите без нивната помош!
Неколку години по војната во Босна, го посетив тајниот тунел со Халим Цури, старешина од Сараево
На другата страна од тунелот, војниците им помогнале на нашите браќа да ги пренесат пакетите до едно безбедно место и потоа да им ја достават храната на локалните браќа и нивните соседи. Некои од соседите биле толку благодарни за помошта што, заедно со браќата, клекнале на колена и во молитва му се заблагодариле на Јехова (2. Коринќаните 9:13).
Кога требаше да поминеме воени контролни пунктови, многупати нашата неутралност нѐ заштити. Но, неутралноста значеше многу повеќе отколку само да се носи значка на која пишуваше дека сме Јеховини сведоци. Требаше многу да се трудиме за да останеме неутрални во нашите мисли и срца. Одлучивме што помалку да слушаме вести, бидејќи сфативме дека страшните извештаи од двете страни би можеле во нас да создадат предрасуди, па дури и омраза.
Од 1990-тите служам како член на Одбор на подружница — прво во подружницата во Хрватска, а потоа во подружницата за Чешка и Словачка. Што научив во врска со носењето одлуки од различните задачи што ги имав? Една работа е дека Јехова може да користи било кој — па дури и воен командант — за да ни помогне во некои ситуации! Исто така, научив да не се потпирам на своето искуство, туку на водството што Јехова ни го дава преку неговата организација.
Се соочувам со неочекувани здравствени проблеми
Во 2023 год., за време на еден рутински преглед, ми беше откриен агресивен облик на рак. Поради тоа што никогаш порано не сум имал некоја сериозна болест, Ленка и јас бевме преплашени и многу загрижени. Непрестајно го молевме Јехова да ни помогне да донесеме мудра одлука. Освен тоа, постапувавме и во склад со нашите молитви така што истражувавме и се консултиравме со доктори. Ни беше многу полесно кога одлучивме на кој начин ќе се лекувам.
Исто така, одлучивме да не бидеме премногу загрижени за тоа што ќе ни донесе утрешниот ден (Матеј 6:34). Имаме толку многу причини да останеме позитивни! На пример, кога требаше да одиме во Германија на лекување, напишавме писмо до нашето бетелско семејство во Братислава (Словачка) за да им ја објасниме нашата ситуација. Добивме многу пораки од нашите драги браќа и сестри кои се молеа за нас и нѐ уверија дека многу нѐ сакаат. Јехова може да ни помогне преку нашите соверници и да ни го даде мирот „кој ја надминува секоја мисла“ (Филипјаните 4:7).
Реалноста е дека, во било кое време, секој од нас би можел да се соочи со сериозна болест, па дури и со смрт (Проповедник 9:11; Јаков 4:14). Затоа, многу сум му благодарен на Јехова што ми помогна, уште кога бев млад, да донесам мудра одлука да му служам на најдобар можен начин. Ништо друго немаше да ми даде поголема смисла во животот! d
a Карлови Вари е познат и по неговото германско име Карлсбад.
b Српско-хрватскиот беше службен јазик во поранешна Југославија.
c За да дознаеш нешто повеќе за оваа хуманитарна акција, види ја статијата „Помагање на нашата фамилија верници во Босна“ која излезе во Стражарска кула од 1 ноември 1994, стр. 23-27.
d Брат Хамадеј почина на 28 јануари 2025 год., додека оваа статија се подготвуваше.

