1. Мојсеева 29:1-35

29  Потоа Јаков тргна на пат и отпатува во земјата на синовите на Истокот.+ 2  Кога погледна, виде бунар во полето и три стада овци што лежеа покрај него, бидејќи на тој бунар обично се поеја стадата.+ Над отворот од бунарот имаше еден голем камен.+ 3  Кога ќе се собереа таму сите стада, ќе го отркалаа каменот од отворот на бунарот и ќе ги напоеја стадата, а потоа ќе го вратеа на неговото место на отворот од бунарот. 4  И Јаков ги праша: „Браќа мои, од каде сте?“ А тие одговорија: „Од Харан“.+ 5  Потоа ги праша: „Го познавате ли Лаван,+ внукот на Нахор?“+ „Го познаваме“, одговорија тие. 6  Тогаш тој ги праша: „Дали е добро?“+ „Добро е“, рекоа тие. „Еве доаѓа ќерка му Рахела+ со овците!“+ 7  А тој рече: „Но уште е ден. Уште не е време да се собираат стадата. Напојте ги овците, па пуштете ги да пасат“.+ 8  А тие рекоа: „Не можеме да го сториме тоа додека не се соберат сите стада. Дури тогаш ќе го отркалаат каменот од отворот на бунарот. Тогаш можеме да ги напоиме овците“. 9  Додека тој уште разговараше со нив, дојде Рахела+ со овците на својот татко, зашто беше овчарка.+ 10  А кога Јаков ја виде Рахела, ќерката на Лаван, братот на мајка му, и овците на Лаван, братот на мајка му, веднаш пријде, го отркала каменот од отворот на бунарот и ги напои овците на Лаван, братот на мајка му.+ 11  Тогаш Јаков ја бакна+ Рахела и гласно заплака.+ 12  И Јаков ѝ кажа на Рахела дека му е внук*+ на татко ѝ и дека е син на Ревека. А таа отрча и му го раскажа тоа на својот татко.+ 13  Штом ја чу веста за Јаков, синот на сестра си, Лаван му отрча во пресрет,+ па го прегрна, го бакна и го доведе во својата куќа.+ Тогаш Јаков му раскажа на Лаван за сѐ што му се случи. 14  Потоа Лаван му рече: „Ти си навистина моја коска и мое месо“.+ И Јаков остана кај него цел месец. 15  Потоа Лаван му рече на Јаков: „Зарем да ми служиш бесплатно+ затоа што си ми роднина?+ Кажи, колкава да ти биде платата?“+ 16  А Лаван имаше две ќерки. Постарата се викаше Лија,+ а помладата Рахела. 17  Но очите на Лија беа без сјај, а Рахела+ имаше убава става и убаво лице.+ 18  Јаков ја засака Рахела, па рече: „Готов сум да ти служам седум години за твојата помлада ќерка Рахела“.+ 19  Тогаш Лаван рече: „Подобро да ти ја дадам тебе отколку на некој друг.+ Остани кај мене“. 20  И Јаков служеше за Рахела седум години,+ но тие му се видоа како неколку дена, зашто ја сакаше.+ 21  Потоа Јаков му рече на Лаван: „Времето на моето служење заврши. Затоа, дај ми ја мојата жена, па да легнам со неа!“+ 22  Тогаш Лаван ги собра сите луѓе од она место и направи гозба.+ 23  Но таа вечер тој ја зеде својата ќерка Лија и ја воведе кај него за да легне со неа. 24  А Лаван ѝ ја даде својата слугинка Зелфа на ќерка си Лија за да ѝ биде слугинка.+ 25  А кога се раздени се виде дека тоа беше Лија! Тогаш тој му рече на Лаван: „Што ми направи? Зарем не ти служев за Рахела? Зошто ме измами?“+ 26  А Лаван му одговори: „Во нашево место не е обичај да ја омажиме помладата пред постарата. 27  Прославувај+ со оваа жена до крајот на седмицата. Потоа ќе ја добиеш и другата за службата што ќе ми ја вршиш уште седум години“.+ 28  И Јаков направи така и прославуваше со оваа жена до крајот на седмицата, а потоа Лаван му ја даде за жена и својата ќерка Рахела. 29  А Лаван ѝ ја даде својата слугинка Вилха+ на ќерка си Рахела за да ѝ биде слугинка. 30  Тогаш Јаков легна и со Рахела, и повеќе ја сакаше Рахела отколку Лија.+ Така служеше кај Лаван уште седум години.+ 31  Кога виде дека Лија не е сакана,* Јехова ѝ ја отвори материцата,+ а Рахела беше неротка.+ 32  И Лија забремени, роди син и му го даде името Рувим,*+ велејќи: „Јехова ја погледна мојата неволја,+ па сега мојот маж ќе ме засака“. 33  Таа пак забремени и роди син, па рече: „Јехова слушна+ дека не сум сакана, па ми го даде и овој“. Затоа му го даде името Симеон.*+ 34  И пак забремени и роди син, па рече: „Овојпат мојот маж ќе се приврзе кон мене, зашто му родив три сина“. Затоа тој го доби името Леви.*+ 35  А кога забремени уште еднаш и роди син, рече: „Овојпат ќе го фалам Јехова“. Затоа му го даде името Јуда.*+ Потоа не раѓаше некое време.

Фусноти

Буквално: „брат“.
Буквално: „дека Лија е мразена“.
„Рувим“ значи „Гледајте, син!“
„Симеон“ значи „слушне“ (во смисла: послуша, услиши).
„Леви“ значи „приврзан“.
„Јуда“ значи „фален; славен“.