Проповедник 6:1-12

  • Некој е богат, но не може да ужива во богатството (1-6)

  • Уживај во она што го имаш сега (7-12)

6  Видов уште една жална работа* под сонцето која често се случува меѓу луѓето: 2  некому вистинскиот Бог му дава богатство, имот, чест и сѐ што ќе му посака душата, но не му дава можност да ужива во она што го има, туку дозволува некој друг да се насладува на тоа. Колку бесмислено и жалосно! 3  Ако човек има и 100 деца, и ако поживее многу години и дочека длабока старост, но не се наужива на животот пред да биде положен во гробот, тогаш велам дека му е подобро на мртвороденчето отколку нему. 4  Тоа залудно дошло на свет и веднаш заминало во темнина, а неговото име го покрил мрак.* 5  Иако не го видело сонцето и ништо не знаело, подобро му е отколку на* оној што поживеал многу години. 6  Каква корист има човек ако живее дури и двапати по 1.000 години, а воопшто не ужива во животот? Зарем не заминуваат сите на исто место? 7  Човек напорно работи само за да се насити; сепак, неговите желби немаат крај. 8  Тогаш, во што е мудриот подобар од безумниот? И каква корист има сиромашниот од тоа што знае како да опстане?* 9  Подобро е да уживаш во она што го гледаш отколку да копнееш по нешто што не можеш да го имаш, бидејќи и тоа е бесмислено и трчање по ветар. 10  Сѐ што постои, веќе си има свое име. Освен тоа, се знае што е човекот. Тој не може да се правда пред* оној што е помоќен од него. 11  Колку повеќе зборови, толку повеќе бесмисленост.* И каква корист има човек од нив? 12  Кој знае што е најдобро човек да прави во текот на својот краток и бесмислен живот, кој исчезнува како сенка? И кој ќе му каже што ќе се случува под сонцето кога него веќе ќе го нема?

Фусноти

Или: „едно зло“.
Или: „и останало без име“.
Буквално: „поспокојно е од“.
Или: „да се снаоѓа во животот“.
Или: „да се препира со“.
Друго можно значење: „Колку се побројни нештата, толку е поголема бесмисленоста“.