Проповедник 5:1-20

  • Пристапи му на Бог со стравопочит (1-7)

  • Оние што се на повисока положба ги набљудуваат оние што се на пониска положба (8, 9)

  • Бесмисленоста на богатството (10-20)

    • Оној што ги сака парите никогаш не е задоволен (10)

    • Сладок му е сонот на работникот (12)

5  Внимавај што правиш* во домот на вистинскиот Бог. Кога ќе појдеш таму, подобро е да слушаш отколку да принесеш жртва како што принесуваат безумниците, бидејќи тие не сфаќаат дека она што го прават е лошо. 2  Немој да бидеш брз на јазик и не зборувај* непромислено пред вистинскиот Бог, бидејќи вистинскиот Бог е на небото, а ти си на земјата. Затоа, размисли пред да кажеш нешто.* 3  Ако човек се оптоварува со многу работи,* ќе има немирни соништа,* а ако многу зборува, ќе каже нешто непромислено. 4  Кога ќе му ветиш нешто на Бог, исполни го без да одложуваш, бидејќи нему безумните не му се мили. Исполни го она што си го ветил. 5  Подобро е воопшто да не ветуваш отколку да ветиш нешто, а да не го исполниш. 6  Не дозволувај твојата уста да те наведе на грев, и не вели пред ангелот* дека тоа што си го ветил било грешка. Зошто да го разгневиш вистинскиот Бог со своите зборови, па да го уништи она што си го постигнал со своите раце? 7  Како што зафатеноста со многу работи води* до немирни соништа,* така и многуте зборови водат до бесмисленост. Наместо тоа, имај стравопочит кон вистинскиот Бог. 8  Немој да се чудиш ако во твојата земја видиш како некој што е на власт ги угнетува сиромасите и ги гази законот и правдата. Таквиот човек го набљудува некој друг, кој има поголема власт од него. А и над двајцата има некои што се на уште повисока положба. 9  Сите тие луѓе имаат корист од земјата. Дури и царот зависи од она што ќе се роди на нивите. 10  Оној што ги сака парите нема никогаш да се насити со пари, и оној што го сака богатството нема никогаш да се насити со добивка. И тоа е бесмислено. 11  Каде што расте нечие богатство, расте и бројот на оние што го трошат. И каква корист има од него сопственикот? Зар само да го гледа? 12  Сладок му е сонот на оној што служи, сеедно дали јаде малку или многу. Но, оној што има богатство не може око да склопи. 13  Видов нешто многу жалосно* под сонцето: човек кој си трупа богатство на сопствена штета. 14  Кога работата му тргнува наопаку, неговото богатство пропаѓа, и тој нема што да му остави во наследство на својот син. 15  Како што човек доаѓа на свет гол,* така и си заминува. Со себе не може да понесе ништо од она за кое цел живот макотрпно работел. 16  Ова навистина е многу жалосно:* човек ќе си замине токму така како што дошол. И каква корист има што цел живот залудно се трудел? 17  Згора на тоа, ни јадењето не му е слатко.* Цел живот се мачи, се јадосува и се разболува. 18  Увидов дека е добро и убаво човек да јаде, да пие и да ужива во сета работа која вредно ја врши под сонцето во текот на краткиот живот што му го дал вистинскиот Бог, бидејќи тоа му е награда. 19  Освен тоа, човекот кому вистинскиот Бог му подарил богатство и имот, и му дал можност да ужива во нив, треба да си ја земе наградата и да ужива во сиот свој труд. Тоа е дар Божји. 20  Таквиот нема ни да забележи како му минуваат деновите,* бидејќи вистинскиот Бог постојано му го исполнува срцето со радост.

Фусноти

Или: „Внимавај на своите чекори кога одиш“.
Или: „твоето срце нека не зборува“.
Буквално: „твоите зборови нека бидат малубројни“.
Или: „многу грижи“.
Или: „би можел да се препушти на своето мечтаење“.
Или: „гласникот“.
Или: „Како што многуте грижи водат“.
Или: „до мечтаење“.
Или: „едно големо зло“.
Или: „излегува гол од мајчината утроба“.
Или: „големо зло“.
Или: „сите денови му се мрачни“. Буквално: „сите денови јаде во темнина“.
Или: „да размислува како му поминале деновите во животот“.