Проповедник 12:1-14

  • Размислувај за Творецот пред да остариш (1-8)

  • Заклучокот на проповедникот (9-14)

    • Зборовите на мудрите се како остени (11)

    • Имај стравопочит кон вистинскиот Бог (13)

12  Размислувај за* својот Величествен Творец уште додека си млад, пред да дојдат тешките денови и пред да притиснат годините за кои ќе речеш: „Не ми се мили“; 2  пред да се помрачи светлината на сонцето, на месечината и на ѕвездите, и пред повторно да надојдат облаци по дождот;* 3  кога ќе почнат да се тресат* чуварите на куќата и кога ќе се свиткаат јунаците, кога ќе се проретчат мелничарките и ќе престанат да мелат, и кога ќе им се стемни на оние* што гледаат низ прозорците; 4  кога ќе се затвори портата кон улицата и ќе замре шумот на мелницата, кога човек ќе почне да се буди штом ќе запеат птиците и кога ќе стивнат сите звуци* на песната; 5  кога ќе почне да се плаши од височина и ќе има страв да оди по улица; кога бадемот ќе расцути, кога скакулецот ќе почне да се влече и кога бобинките* ќе прснат, бидејќи човекот оди кон својот дом во кој долго ќе почива, а луѓето што го оплакуваат веќе се на улица; 6  пред да се скине сребреното јаже и да се скрши златниот сад, пред да се распарчи стомната кај изворот и да се разбие тркалото на бунарот. 7  Тогаш човекот се враќа во правот од кој бил земен, а животната сила* се враќа кај вистинскиот Бог, кој му ја дал. 8  „Колку бесмислено!“,* вели проповедникот.* „Сѐ е бесмислено!“ 9  Освен што самиот стекна мудрост, проповедникот постојано го поучуваше народот за она што го знаеше. Тој длабоко размислуваше и темелно истражуваше за да состави збирка од многу изреки. 10  Проповедникот се трудеше да пронајде пријатни зборови и да го напише она што е веродостојно и вистинито. 11  Зборовите на мудрите се како остени,* а нивните изреки се како забиени клинци. Тие зборови се од еден пастир. 12  А во врска со сите други записи, сине мој, биди претпазлив, бидејќи секогаш ќе се пишуваат книги, и ако некој премногу чита, ќе се исцрпи. 13  Кој е заклучокот од сето ова? Имај стравопочит кон вистинскиот Бог и држи ги неговите заповеди, бидејќи тоа е сѐ што се бара од човекот, 14  и бидејќи вистинскиот Бог ќе им суди на луѓето за сѐ што прават — дури и за она што е скриено — и ќе одреди дали е добро или лошо.

Фусноти

Буквално: „Сеќавај се на“.
Друго можно значење: „пред да надојдат облаци кои леат поројни дождови“.
Или: „да треперат“.
Или: „жените“.
Буквално: „ќерки“.
Станува збор за еден посебен вид бобинки кои се користеле за зголемување на апетитот.
Буквално: „духот“.
Или: „Суета над суетите!“
Или: „оној што го собира народот; оној што го поучува народот“.
Види го поимот „остен“ во Речникот.