Матеј 7:1-29

  • ПРОПОВЕД НА ГОРАТА (1-27)

    • Престанете да судите (1-6)

    • Молете, барајте, чукајте (7-11)

    • Златното правило (12)

    • Тесната врата (13, 14)

    • По нивните плодови ќе ги препознаете (15-23)

    • Куќа на карпа и куќа на песок (24-27)

  • Мноштвата се восхитени од поучувањето на Исус (28, 29)

7  Престанете да судите, за да не бидете судени. 2  Зашто, со каков суд судите, со таков ќе ви се суди. И со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери. 3  Тогаш, зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш? 4  Или, како можеш да му речеш на својот брат: ’Дај да ти ја извадам раската од окото‘, кога во своето око имаш греда? 5  Лицемеру! Прво извади ја гредата од своето око, па тогаш ќе можеш појасно да видиш како да ја извадиш раската од окото на својот брат. 6  Немојте да им го давате на кучињата она што е свето ниту да ги фрлате своите бисери пред свињи, за да не ги изгазат под нозете, па да се свртат и да ве растргнат. 7  Молете, и ќе ви се даде. Барајте, и ќе најдете. Чукајте, и ќе ви се отвори. 8  Зашто, секој што моли, добива. Секој што бара, наоѓа. И на секој што чука, ќе му се отвори. 9  Кој од вас, ако детето му побара леб, ќе му даде камен? 10  Или ако му побара риба, зарем ќе му даде змија? 11  И така, ако вие, иако сте грешни, знаете да им давате убави подароци на своите деца, колку повеќе вашиот Татко, кој е на небото, ќе им даде убави работи на оние што го молат! 12  Затоа, постапувајте со другите онака како што сакате тие да постапуваат со вас.* Тоа е смислата на Законот и Пророците. 13  Влезете низ тесната врата. Зашто, широка е вратата и широк е патот што води во уништување, и многу луѓе влегуваат низ неа. 14  А тесна е вратата и тесен е патот што води во живот, и малкумина го наоѓаат. 15  Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат кај вас во овчо руно, а однатре се крвожедни волци. 16  По нивните плодови ќе ги препознаете. Се бере ли грозје од трње или смокви од чичка? 17  Така, секое добро дрво дава добри плодови, а секое гнило дрво дава лоши плодови. 18  Добро дрво не може да даде лоши плодови, ниту пак гнило дрво може да даде добри плодови. 19  Секое дрво кое не дава добри плодови се сече и се фрла во оган. 20  И така, по нивните плодови ќе ги препознаете. 21  Нема секој што ми вели: ’Господару, Господару‘,* да влезе во небесното Царство, туку само оној што ја врши волјата на мојот Татко, кој е на небото. 22  Многумина во оној ден ќе ми речат: ’Господару, Господару, не пророкувавме ли во твое име, и не истерувавме ли демони во твое име, и не правевме ли многу чуда во твое име?‘ 23  Тогаш ќе им речам: ’Никогаш не сум ве познавал! Бегајте од мене, вие што правите лоши работи!‘ 24  Затоа, секој што ги слуша овие мои зборови и ги извршува, ќе биде како разумен човек, кој си ја изгради куќата на карпа. 25  И заврна силен дожд, и надојдоа поројни води, и дувнаа ветрови, но куќата не се сруши, зашто темелите ѝ беа на карпа. 26  А секој што ги слуша овие мои зборови, но не ги извршува, ќе биде како глупав човек, кој си ја изгради куќата на песок. 27  И заврна силен дожд, и надојдоа порои, и дувнаа ветрови, па таа се сруши и беше потполно уништена“. 28  Откако Исус го кажа сето тоа, луѓето беа восхитени од неговото поучување, 29  зашто ги поучуваше како некој зад чии зборови стои Бог, а не како нивните познавачи на Законот.*

Фусноти

Или: „сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“.
Види го поимот „Господар; Господ“ во Речникот.
Или: „книжници“.