Матеј 28:1-20

  • Исус е воскреснат (1-10)

  • Војниците се поткупени да лажат (11-15)

  • „Одете и правете ученици“ (16-20)

28  Откако заврши сабатот, на првиот ден од седмицата, кога се разденуваше, Марија Магдалена и другата Марија дојдоа да го видат гробот. 2  И одеднаш се случи силен земјотрес, бидејќи Јеховин ангел слезе од небото и го отркала каменот, па седна на него. 3  Блескаше како молња, а облеката му беше бела како снег. 4  Кога го видоа, стражарите почнаа да се тресат од страв и се стаписаа. 5  А ангелот им рече на жените: „Не плашете се, зашто знам дека го барате Исус кој беше прикован на столб. 6  Не е овде, бидејќи воскресна, како што рече. Дојдете, видете го местото каде што беше неговото тело. 7  Потоа одете бргу и кажете им на неговите ученици дека стана од мртвите и речете им: ’Тој оди пред вас во Галилеја, таму ќе го видите‘. Ете, тоа имав да ви го кажам“. 8  Тогаш жените брзо си заминаа откај гробот. Уплашени, но и многу радосни, отрчаа да им го кажат тоа на неговите ученици. 9  По патот ги сретна Исус и им рече: „Здраво!“ А тие му пријдоа, му се поклонија и го фатија за нозете. 10  Тогаш Исус им рече: „Не плашете се! Одете и кажете им на моите браќа да појдат во Галилеја. Таму ќе ме видат“. 11  Кога тие две тргнаа, некои од стражарите дојдоа во градот и им раскажаа на главните свештеници за сѐ што се случи. 12  А тие се собраа со старешините за да се договорат што да прават, па им дадоа на војниците многу сребреници 13  и им рекоа: „Вака кажете: ’Неговите ученици дојдоа ноќта и го украдоа додека ние спиевме‘. 14  А ако тоа дојде до ушите на управителот, вие не грижете се, ние ќе му објасниме сѐ“.* 15  И тие ги зедоа сребрениците и направија како што им беше кажано. Така оваа приказна се рашири меѓу Евреите и остана до ден-денес. 16  А 11-те ученици отидоа во Галилеја на гората каде што ги упати Исус. 17  Кога го видоа, му се поклонија. Но некои се посомневаа дека тоа е тој. 18  Исус им пријде и им рече: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата. 19  Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите народи. Крштавајте ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух 20  и учете ги да држат сѐ што ви заповедав. И знајте дека јас ќе бидам со вас во сите денови сѐ до крајот на овој свет“.*

Фусноти

Или: „ќе го убедиме“.
Или: „свршетокот на овој поредок“. Види го поимот „поредок“ во Речникот.