Лука 23:1-56
23 Потоа сите тие станаа и го одведоа кај Пилат.+
2 И почнаа да го обвинуваат:+ „Го најдовме овој како го заведува+ нашиот народ, забранува да му се плаќа данок+ на цезарот и вели за себе дека е Христос,* цар“.+
3 А Пилат го праша: „Дали си ти царот на Евреите?“ Тој му одговори: „Ти самиот го велиш тоа“.+
4 Тогаш Пилат им рече на главните свештеници и на народот: „Јас не наоѓам никаква вина кај овој човек“.+
5 Но тие упорно велеа: „Со своето учење тој го поттикнува народот на бунт по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја па сѐ довде“.
6 Кога го чу тоа, Пилат праша дали тој човек е Галилеец.
7 Откако дозна дека е од подрачјето со кое владее Ирод,*+ го испрати кај Ирод, кој во тие денови, исто така, беше во Ерусалим.
8 Кога го виде Исус, Ирод многу се израдува, бидејќи веќе подолго време сакаше да го види+ поради она што го беше слушал+ за него, и се надеваше дека од него ќе види некакво чудо.
9 И му поставуваше многу прашања, но Исус ништо не му одговараше.+
10 А главните свештеници и книжниците стануваа и жестоко го обвинуваа.+
11 Тогаш Ирод заедно со своите војници го понижи+ и го исмеа,+ облекувајќи го во сјајна облека, и го испрати назад кај Пилат.
12 Во тој ден Ирод и Пилат+ станаа пријатели, а пред тоа беа непријатели.
13 Пилат тогаш ги свика главните свештеници, народните поглавари и народот,
14 па им рече: „Ми го доведовте овој човек, обвинувајќи го дека го поттикнува народот на бунт. Еве, јас го испрашав пред вас, но не утврдив дека тој човек е виновен+ за она за кое го обвинувате.
15 А не најде ни Ирод, бидејќи го испрати назад кај нас. Еве, тој не направил ништо со кое би заслужил смрт.+
16 Затоа ќе го казнам+ и ќе го пуштам“.
17 *——
18 Но целиот народ извика: „Погуби го овој,+ а пушти ни го Варава!“+
19 Тој, имено, беше фрлен в затвор поради една побуна што избувна во градот и поради убиство.
20 А Пилат повторно им се обрати, бидејќи сакаше да го пушти Исус.+
21 Но тие викаа: „На столб!* Прикови го на столб!“+
22 Им се обрати и по третпат: „Па, какво зло направил тој? Не најдов ништо кај него со кое би заслужил смрт. Затоа ќе го казнам и ќе го пуштам“.+
23 А тие викаа колку што ги држеше гласот и навалуваа да биде прикован на столб. И го надгласуваа со својата викотница.+
24 Тогаш Пилат пресуди да се задоволи нивното барање,+
25 па го пушти+ човекот што беше фрлен в затвор поради бунт и убиство, оној кого го бараа тие, а Исус им го предаде на нивна волја.+
26 Додека го одведуваа, фатија некојси Симон од Киринија, кој доаѓаше од полето, и му го ставија столбот на кој Исус требаше да биде прикован да го носи по него.+
27 По Исус одеа големо мноштво луѓе и жени, кои од тага се удираа в гради и го оплакуваа.
28 А Исус се сврте кон жените и рече: „Ќерки ерусалимски, не плачете за мене! Подобро е да плачете за себе и за своите деца!+
29 Зашто, ете, доаѓаат дни кога ќе речат: ‚Среќни се неротките, утробите што не раѓале и градите што не доеле!‘+
30 Тогаш ќе почнат да им велат на планините: ‚Паднете врз нас!‘ — и на ридовите: ‚Покријте нѐ!‘+
31 Зашто, ако го прават ова додека дрвото е зелено, што ли ќе се случи кога ќе биде суво?“+
32 А водеа уште двајца, злосторници, за да ги погубат со него.+
33 Кога стигнаа на местото наречено Череп,+ ги приковаа на столб него и злосторниците, едниот од неговата десна, а другиот од неговата лева страна.+
34 [А Исус велеше: „Татко, прости+ им, зашто не знаат што прават!“]* И фрлија ждрепка за да ја разделат неговата облека.+
35 Народот стоеше и гледаше.+ А народните поглавари се потсмеваа: „Другите ги спаси, па нека се спаси+ и себеси ако е навистина Христос* Божји, Избраникот!“+
36 Му се потсмеваа и војниците,+ му приоѓаа и му нудеа скиснато вино,+
37 па му велеа: „Ако си еврејски цар, спаси се самиот себеси!“
38 А над него имаше и натпис: „Ова е царот на Евреите“.+
39 А еден од обесените злосторници почна да го навредува:+ „Па, нели си ти Христос? Спаси се себеси и нас!“
40 Тогаш другиот го прекори: „Зарем не се боиш од Бог? И ти ја трпиш истата казна.+
41 Ние сме со право осудени, зашто го добиваме она што го заслуживме со своите дела, но овој не направил никакво зло“.+
42 Потоа рече: „Исусе, сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство!“+
43 А Исус му рече: „Вистина, ти велам денес,* ќе бидеш со мене+ во Рајот“.+
44 Беше околу шестиот* час кога се спушти темнина по целата таа земја и траеше сѐ до деветтиот* час.+
45 Исчезна сонцето, а завесата+ на светилиштето се расцепи по средината.+
46 А Исус извика со сиот глас: „Татко, во твоите раце го доверувам својот дух!“*+ Штом го рече тоа, издивна.+
47 Кога виде што се случи, стотникот почна да го слави Бог, велејќи: „Овој човек навистина беше праведник!“+
48 А кога виде што се случи, сиот народ што се собра за да го гледа тоа тргна накај дома удирајќи се в гради од тага.
49 А сите негови познајници стоеја понастрана.+ И жените, кои одеа по него од Галилеја, стоеја и го гледаа сето тоа.+
50 И дојде еден човек по име Јосиф, член на Советот, добар и праведен човек,+
51 кој не се согласуваше со нивната одлука и постапка,+ а беше од Ариматеја, јудејски град, и го чекаше Божјето царство.+
52 Тој отиде кај Пилат и го побара Исусовото тело.+
53 И го симна,+ го завитка во фино платно и го положи во гроб+ издлабен во карпа, во кој уште никој не беше положен.+
54 А беше денот на подготовката*+ и се ближеше вечерта, почетокот на саботата.*+
55 Жените што дојдоа со него од Галилеја, го следеа тоа и го видоа гробот+ и видоа како беше положено неговото тело.+
56 Потоа се вратија за да приготват мирисливи масла и други мирисливи материи.+ А во сабота мируваа,+ како што е заповедано.
Фусноти
^ Види го додатокот 8.
^ Текстот во аглести загради не се наоѓа во сите, туку само во некои древни ракописи.
^ Во изворниот грчки текст не постојат интерпункциски знаци. Во овој превод запирката е ставена зад зборот „денес“, бидејќи тоа е во склад со останатите стихови (како што се Јвн 20:17; Де 1:1-3, 9; 10:40; 1Ко 15:20; Кол 1:18).
^ Кон 12 часот, според нашето сметање на времето. Евреите почнувале да ги бројат часовите од изгревањето на сонцето.
^ До околу 15 часот.
^ Или: „животна сила“.

