Даниел 7:1-28
7 Во првата година од владеењето на вавилонскиот цар Валтазар, Даниел сонуваше сон и имаше виденија додека спиеше. А потоа го запиша сонот — запиша сѐ што виде.
2 Даниел рече:
„Во виденијата што ги имав во текот на ноќта, видов како дуваат ветрови од четирите страни на светот* и го брануваат големото море.
3 Од морето излегоа четири огромни ѕвера. Тие се разликуваа еден од друг.
4 Првиот беше како лав, но имаше орловски крилја. Додека го набљудував, му ги искубаа крилјата, а потоа беше подигнат од земјата за да се исправи на две нозе како човек и му беше дадено човечко срце.
5 Тогаш видов втор ѕвер, кој личеше на мечка. Тој ја подигна едната шепа, а меѓу забите имаше три ребра. Му беше кажано: ’Ајде, јади многу месо!‘
6 Потоа видов уште еден ѕвер. Тој беше како леопард, но на грбот имаше четири крилја кои личеа на птичји крилја. Овој ѕвер имаше четири глави, и му беше дадена власт.
7 А потоа во ноќните виденија видов четврти ѕвер. Тој беше страшен, ужасен и необично силен, и имаше големи железни заби. Проголтуваше и дробеше сѐ пред себе, а она што остануваше го газеше со нозете. Беше поинаков од сите претходни ѕверови и имаше 10 рога.
8 Додека ги гледав роговите, видов како меѓу нив израсна еден мал рог, а три од првите рогови беа искорнати за да му се направи место. Овој рог имаше очи кои личеа на човечки очи и уста која дрско се фалеше.
9 Додека гледав, беа поставени престоли и Прадревниот седна. Облеката му беше бела како снег, а косата му беше како чиста волна. Неговиот престол пламтеше како оган, а и тркалата на престолот беа како разгорен оган.
10 Огнена река извираше од пред него. Милион* ангели му служеа, а сто милиони* стоеја пред него. Судот почна да заседава, и се отворија книгите.
11 Продолжив да гледам како рогот дрско се фали и, додека гледав, ѕверот беше убиен, а неговото тело беше фрлено во огнот и уништено.
12 А на останатите ѕверови им беше одземена власта, но им беше дозволено да живеат уште некое време.*
13 Потоа, во ноќните виденија видов како на небесните облаци доаѓа некој што изгледаше како син човечки. Откако му беше дозволен пристап кај Прадревниот, тој беше доведен пред него.
14 И му беа дадени власт, чест и царство за да му служат сите луѓе од разните народи, племиња и јазици. Неговата власт е вечна власт — таа ќе трае засекогаш — и неговото царство нема никогаш да биде уништено.
15 А јас, Даниел, многу се вознемирив и се исплашив од овие виденија.
16 Тогаш му пристапив на еден од ангелите кои стоеја таму за да го прашам што точно значи сето ова. А тој ми го откри значењето на овие работи, велејќи:
17 ’Четирите огромни ѕвера претставуваат четири земни цареви кои ќе дојдат на власт.*
18 Но, светите слуги на Севишниот ќе го добијат царството, и тоа ќе им припаѓа засекогаш, во сета вечност‘.
19 Потоа сакав да дознаам нешто повеќе за четвртиот ѕвер, кој се разликуваше од сите други ѕверови и беше многу страшен — имаше железни заби и бакарни канџи и проголтуваше и дробеше сѐ пред себе, а она што остануваше го газеше со нозете.
20 Сакав да дознаам и што значат 10-те рога на неговата глава, како и другиот рог што израсна и поради кој отпаднаа трите рога, односно рогот кој имаше очи и уста што дрско се фалеше и кој изгледаше поголем од другите рогови.
21 И гледав како овој рог војува против светите. Тој ги надвладуваше
22 сѐ додека не дојде Прадревниот. Тогаш беше донесена пресуда во корист на светите слуги на Севишниот, и дојде времето да им биде дадено царството.
23 Ангелот ми рече: ’Четвртиот ѕвер го претставува четвртото царство кое ќе владее на земјата. Тоа ќе се разликува од сите други царства и ќе ја проголта целата земја — ќе ја згази и ќе ја здроби.
24 А 10-те рога значат дека од тоа царство ќе се подигнат 10 цареви. По нив ќе се подигне уште еден цар, кој ќе биде поинаков од првите цареви, и ќе порази* три од нив.
25 Тој ќе зборува против Севишниот и постојано ќе ги угнетува неговите свети слуги. Освен тоа, ќе сака да ги промени одредените времиња и законот. Светите слуги ќе бидат предадени во негови раце за едно време, за две времиња и за половина време.*
26 Но, судот ќе заседава и власта ќе му биде одземена за да биде сотрен и потполно уништен.
27 А царството и власта, како и славата на сите царства под небото, ќе му бидат дадени на народот кој го сочинуваат светите слуги на Севишниот. Нивното царство е вечно, и сите власти ќе им служат и ќе им бидат послушни‘.
28 Овде е крајот на ова видение. А јас, Даниел, толку се вознемирив, што пребледев.* Но, продолжив и понатаму да размислувам за сето тоа“.*
Фусноти
^ Буквално: „четирите небесни ветрови “.
^ Буквално: „Илјада илјади“.
^ Буквално: „десет илјади по десет илјади“.
^ Или: „животот им беше продолжен за едно време и за едно раздобје“.
^ Буквално: „четири цареви кои ќе се издигнат од земјата“.
^ Или: „понижи“.
^ Буквално: „време, времиња и половина време“, односно три и пол времиња.
^ Или: „ликот ми се промени“.
^ Или: „сето тоа го зачував во своето срце“.

