Матеј 8:1-34

8  Кога слезе од планината, го следеше многу народ.  И гледај, му се приближи еден лепрозен човек,+ му се поклони и рече: „Господару, ако сакаш, ти можеш да ме исчистиш“.  И ја испружи раката, го допре и рече: „Сакам, исчисти се!“+ И веднаш се исчисти од лепрата.+  Исус потоа му рече: „Гледај никому ништо да не кажуваш,+ туку оди, покажи му се на свештеникот+ и принеси го дарот+ што го одреди Мојсеј, ним за сведоштво“.  Кога влезе во Капернаум,+ му пристапи еден стотник,* молејќи го:  „Господине, мојот слуга лежи дома парализиран и во тешки маки“.  А тој му рече: „Кога ќе дојдам, ќе го излекувам“.  Стотникот тогаш му рече: „Господине, не сум достоен да влезеш под мојот покрив, туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави.  Зашто, и јас имам свои претпоставени, а имам и потчинети војници, па на едниот му велам: ‚Оди!‘+ — и тој оди, а на другиот: ‚Дојди!‘ — и тој доаѓа, а на својот роб: ‚Направи го тоа!‘ — и тој го прави“. 10  Кога го чу тоа, Исус се восхити и им рече на оние што одеа по него: „Вистина, ви велам, кај никого во Израел не најдов толкава вера.+ 11  А ви велам дека мнозина од исток и од запад+ ќе дојдат и ќе бидат на трпезата* со Авраам, Исак и Јаков во царството+ небесно,+ 12  додека синовите на царството+ ќе бидат фрлени надвор во темнината. Таму ќе плачат и ќе чкртаат со забите“.+ 13  Тогаш Исус му рече на стотникот: „Оди. Нека ти биде како што си верувал!“+ И слугата оздраве во истиот час. 14  Откако влезе во куќата на Петар, Исус ја виде неговата тешта+ како лежи болна од треска.+ 15  И ѝ ја допре раката,+ и треската ја напушти, а жената стана и почна да го послужува.+ 16  А кога падна вечер, луѓето му доведоа мнозина кои беа обземени од демони. И ги истера духовите со својот збор и ги излекува сите болни, 17  за да се исполни она што беше речено преку пророкот Исаија: „Тој ги зеде нашите немоќи и ги понесе нашите болести“.+ 18  А кога го виде народот околу себе, Исус заповеда да отпловат на другата страна.+ 19  И му се приближи еден книжник и му рече: „Учителе, ќе одам по тебе каде и да појдеш“.+ 20  А Исус му рече: „Лисиците имаат дувла и птиците небесни имаат гнезда, а Синот човечки нема каде глава да потпре“.+ 21  Тогаш друг ученик му рече: „Господару, дозволи ми најпрво да отидам и да го погребам татко ми“. 22  А Исус му рече: „Појди по мене и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртви“.+ 23  И кога влезе во еден чамец,+ неговите ученици одеа по него. 24  И гледај, морето силно се разбранува, така што брановите го покриваа чамецот. А тој спиеше.+ 25  Тогаш тие му пријдоа и го разбудија,+ велејќи: „Господару, спаси нѐ, ќе изгинеме!“ 26  А тој им рече: „Што сте се исплашиле, вие маловерни?“+ Тогаш стана, им се закани на ветровите и на морето, и настана потполна тишина.+ 27  А учениците се восхитија и рекоа: „Каков човек е ова,+ та дури и ветровите и морето го слушаат?“ 28  Кога дојде на другата страна, во гадаренскиот крај,+ му дојдоа во пресрет двајца обземени од демони,+ кои излегоа откај гробиштата, а беа толку насилни што никој не се осмелуваше да помине по тој пат. 29  И гледај, извикаа: „Што имаме ние со тебе, Сине Божји?+ Дојде ли ваму за да нѐ мачиш+ предвреме?“+ 30  А далеку од нив пасеше голем булук свињи. 31  Тогаш демоните почнаа да го преколнуваат: „Ако нѐ истераш, испрати нѐ во оној булук свињи“.+ 32  Тогаш им рече: „Одете!“ И тие излегоа и влегоа во свињите. И гледај, целиот булук јурна преку стрмната карпа во морето и се издави во водата.+ 33  А свињарите побегнаа и отидоа во градот, па раскажаа за сѐ, а и за она што се случи со обземените од демони. 34  И гледај, целиот град излезе да го пресретне Исус. Кога го видоа, го молеа да си оди од нивниот крај.+

Фусноти

Или: „центурион“.
Буквално: „и ќе лежат на трпезата“. Види ја фуснотата за Мт 9:10.