Видеоклипови на стотици јазици

Видеоклипови на стотици јазици

Како Јеховини сведоци, ние сме познати по тоа што ги преведуваме нашите библиски публикации на многу јазици. До ноември 2014 год., Библијата ја имавме преведено на 125 јазици, а библиските публикации на 742 јазика. Во преведувањето е вклучено и подготвување на видеоклипови. Во јануари 2015 год., видеоклипот Како изгледаат состаноците на Јеховините сведоци? беше достапен на 398 јазици, а видеоклипот Зошто да ја проучуваш Библијата? на 569 јазици. Со која цел беа подготвени овие видеоклипови и како беа направени?

Во март 2014 год., Водечкото тело на Јеховините сведоци им даде задача на подружниците низ целиот свет да преведат и да снимат видеоклипови на што е можно повеќе јазици. Зошто? За да се поттикнат луѓето да ја проучуваат Библијата.

Правењето видеоклипови вклучува неколку чекори. Прво, преведувачкиот тим го преведува текстот од видеоклипот. Потоа, за секоја улога се избираат лица кои ќе ги позајмат своите гласови. Тогаш во студио се снима материјалот, се обработуваат снимките и се додава текстот што се појавува на екранот. На крајот, се составуваат аудиоматеријалот, текстот и видеоматеријалот за да се направи видеоклипот кој потоа може да се објави на интернет-страницата.

Некои подружници имаат студио за снимање и обучени лица кои се грижат за овие проекти. Но, како се прават видеоклипови за јазиците кои се зборуваат и се преведуваат во далечни подрачја?

На овие подрачја одат аудиотехничари кои со себе носат преносна опрема за снимање. Со помош на микрофон и лаптоп во кој има инсталирано програма за снимање, аудиотехничарот поставува привремено студио за снимање во канцеларија, во Сала на Јеховините сведоци или во нечиј дом. Лица што го зборуваат јазикот на кој се снима видеоклипот служат како читачи, режисери и лектори. Кога снимката е завршена и одобрена, аудиотехничарот ја собира својата опрема и оди на друго такво подрачје.

На овој начин, беа преведени видеоклипови на трипати повеќе јазици од претходно.

Овие видеоклипови наидоа на неверојатен одѕив. За многу луѓе, нашите видеоклипови беа први видеоклипови на нивниот мајчин јазик.

Еден од јазиците на кои беа направени видеоклипови е питјантјатјара, јазик кој го зборуваат повеќе од 2.500 луѓе во Австралија. Видеоклиповите се подготвуваа во Алис Спрингс во Северната Територија. Калан Томас, кој помагал во подготовката на аудиоматеријалите, вели: „Луѓето се воодушевени од видеоклиповите. Ги гледаат без да трепнат и постојано прашуваат каде може да најдат уште вакви клипови. На овој јазик е многу тешко да се најде некаква литература. Кога ќе чујат аудиоснимка, а особено кога ќе видат видеоклип на нивниот мајчин јазик, остануваат без зборови“.

Двајца Сведоци во Камерун патувале по една река со кану. Тие застанале во едно село во кое живеат пигмејци и зборувале со нивниот главатар кој бил учител во локалното училиште. Кога Сведоците дознале дека мајчин јазик на главатарот е баса, на таблет му го покажале видеоклипот Зошто да ја проучуваш Библијата? на тој јазик. Главатарот бил длабоко трогнат од тоа што го видел и побарал печатени публикации.

Во едно село во Индонезија, локалниот верски водач им се противи на Јеховините сведоци и, во една прилика, ја запалил целата литература што тие им ја дале на некои жители во селото. Други луѓе од селото им се заканувале на Сведоците дека ќе ја запалат салата каде што ги одржуваат своите состаноци. Во друга прилика, четворица полицајци упаднале во куќата на една жена која е Јеховин сведок и ги испрашувале неа и нејзиното семејство. Полицајците сакале да дознаат што се случува во Салата на Јеховините сведоци. Таа им го покажала видеоклипот Како изгледаат состаноците на Јеховините сведоци? на индонезиски јазик.

Откако го изгледале видеоклипот, еден од полицајците рекол: „Сфаќам дека луѓето имаат погрешно мислење за вас и дека не ве познаваат добро“. А друг полицаец прашал: „Може ли да ми го дадете овој клип за да им го покажам и на други? Така ќе добијат точни информации за вас“. Сега полицијата има позитивно мислење за Сведоците и ги штити од оние што им се противат.

Ако досега не си ги видел овие видеоклипови, гледај ги на твојот мајчин јазик.