Зошто Јеховините сведоци не слават одредени празници?

Зошто Јеховините сведоци не слават одредени празници?

 Како Јеховините сведоци одредуваат дали некој празник е прифатлив?

 Пред да одлучат дали ќе слават некој конкретен празник, Јеховините сведоци најпрво истражуваат во Библијата. Со некои празници и прослави очигледно се прекршуваат библиските начела. Во таков случај, Јеховините сведоци не учествуваат. Во врска со други празници, секој Сведок сам одлучува дали ќе ги слави или не, трудејќи се да има чиста совест и да не му згреши ниту на Бог ниту на луѓето (Дела 24:16).

 Сега ќе разгледаме некои прашања кои Јеховините сведоци си ги поставуваат кога одлучуваат дали ќе слават некој празник. a

  •   Дали празникот се темели на некое небиблиско учење?

     Библиско начело: „’Излезете од нивната средина и одвојте се,‘ вели Јехова, ’и повеќе не допирајте ништо што е нечисто‘“ (2. Коринќаните 6:15-17).

     За да немаат ништо со учења кои според Библијата се нечисти, односно кои се во спротивност со она што го пишува во неа, Јеховините сведоци не слават празници во кои се вклучени следниве обележја:

     Празници кои се темелат на верување во други божества или на нивно обожавање. Исус рекол: „Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му“ (Матеј 4:10). Од послушност кон оваа заповед, Јеховините сведоци не слават Божиќ и Велигден, зашто тие празници влечат корени од обожавањето на другите богови, а не на Јехова. Освен тоа, не учествуваат ни во следниве празници:

    •  Кванза. Името Кванза „доаѓа од зборовите матунда ја кванза на јазикот свахили, кои значат ’први плодови‘ и [ова] покажува дека овој празник има корени во прославите поврзани со првата жетва, според записите во африканската историја“ (Encyclopedia of Black Studies). Иако според некои Кванза нема верска позадина, во една друга енциклопедија тој е спореден со африкански празник во текот на кој првините „им се принесувале на божества и на предците во знак на благодарност“ (Encyclopedia of African Religion). Во таа енциклопедија уште пишува: „Истите тие обележја се присутни и во афроамериканскиот празник Кванза“.

      Кванза

    •  Празник на средина на есента. Овој „празник е во чест на божицата на месечината“ (Holidays, Festivals, and Celebrations of the World Dictionary). При еден ритуал поврзан со овој празник, „жените од едно домаќинство се поклонуваат пред божицата“ (Religions of the World​—A Comprehensive Encyclopedia of Beliefs and Practices).

    •  Денот на благодарноста. Исто како Кванза, и овој празник е поврзан со древните прослави поврзани со жетвата, и со кои им се оддавала чест на разни богови. Со текот на времето, „тие древни народни традиции ги прифатила и христијанската црква“ (A Great and Godly Adventure​—The Pilgrims and the Myth of the First Thanksgiving).

     Празници поврзани со суеверие или со верувањето дека правењето одредени обичаи носи среќа. Библијата вели дека оние кои му поставуваат „трпеза на богот на Среќата“ го оставаат Јехова (Исаија 65:11). Затоа Јеховините сведоци не ги слават следниве празници:

    •  Иванден. „Според народната традиција, на [Иванден] природата ги ослободува своите магични моќи и од нив може да имаат корист само оние кои се храбри и ги следи среќата“ (The A to Z of Belarus). Овој празник влече корени од еден пагански празник во чест на долгодневицата. Меѓутоа, според една енциклопедија, „откако паганите го прифатиле христијанството, тој празник се претопил со црковната слава [раѓањето на свети Јован Крстител]“ (Encyclopedia of Contemporary Russian Culture).

    •  Нова година. Датумот и обичаите поврзани со славењето на Нова година се разликуваат од земја до земја. Во врска со потеклото на овој празник, во една енциклопедија пишува: „Во 46 год. пр.н.е., римскиот владетел Јулиј Цезар го одредил 1 јануари за почеток на Новата година. Римјаните му го посветиле овој ден на Јанус, богот на капиите, вратите и почетоците. Месецот јануари го добил името по Јанус, кој имал две лица, едно што било свртено напред и едно што било свртено назад“ (The World Book encyclopedia).

    •  Лунарна Нова година (Кинеска Нова година или Корејска Нова година). „Во ова време од годината, на семејството, на пријателите и на роднините им е најважно да направат сѐ што можат за да имаат среќа и благосостојба во текот на целата година и да им оддадат чест на боговите и духовите“ (Mooncakes and Hungry Ghosts​—Festivals of China). Слично на тоа, празнувањето на Корејската Нова година „опфаќа обожавање на предците, ритуали за да се истераат злите духови и за да имаат среќа во текот на годината, и гатање, за да видат што им носи Новата година“ (Encyclopedia of New Year’s Holidays Worldwide).

      Кинеска Нова година

     Празници кои се засноваат на верувањето дека душата е бесмртна. Библијата јасно кажува дека душата може да умре (Езекиел 18:4). Затоа, Јеховините сведоци не ги слават празниците наведени подолу, со кои се поддржува верувањето дека душата е бесмртна:

    •  Духовден. Во народното верување овој празник најповеќе се врзува со душите на умрените. Се верува дека од Велигден до Духовден „душите на умрените се слободни и доаѓаат во близина на своите потомци“ (Македонска енциклопедија).

    •  Задушница (Мртвен). На Задушница „се посетуваат гробовите на покојните, се оставаат ореови гранки и дулиња (бардиња) и се раздава за душа на покојните“ (Македонска енциклопедија). „Меѓу народот постоело верување дека за задушниците Бог сите мртви ги враќа на земјата, а тие, пак, барале да јадат. Пред секој мртовец имало софра и на неа тоа што го донеле живите за него. Мртвите, пак, за кои никој не се сеќавал, тажно гледале во другите полни софри, од кои не можеле да добијат ниту залак“ (Годишни обичаи кај Македонците, прво издание).

    •  Чусок. На овој празник „им се принесува храна и вино на душите на покојните“. Тие дарови се одраз на „верувањето дека душата продолжува да живее и откако телото ќе умре“ (The Korean Tradition of Religion, Society, and Ethics).

     Празници кои се поврзани со окултизмот. Библијата вели: „Кај тебе нека не се најде никој... што гата, ни некој што се занимава со магија, ни некој што пророкува според предзнаци, ни маѓепсник, ни некој што фрла уроци, ни некој што повикува духови, ни некој што ја претскажува иднината, ни некој што ги прашува мртвите. Зашто, секој што прави такво нешто му е одвратен на Јехова“ (5. Мојсеева 18:10-12). За да немаат ништо со окултизмот — вклучувајќи ја и астрологијата, која е еден вид гатање — Јеховините сведоци не ги слават Ноќта на вештерките и следниве празници:

    •  Ѓурѓовден/Ерделези. „Како општонароден празник, а посебно како главно сточарско празнување, Ѓурѓовден по своето значење и по изобилството обичаи кои го следат особено се издвојува од преостанатите празнични денови во годината. Во него се сместени многу верувања и обичаи кои преку магиски пат треба да ги осигураат напредокот и плодноста на стоката, родноста на полињата и среќата меѓу луѓето“ (Годишни обичаи кај Македонците, прво издание). „Се верува дека со одбележувањето на овој празник, завршува зимата и започнува летното време како можност за нова работна сезона која ќе обезбеди поголем бериќет во текот на годината. Ѓурѓовден или Ерделези претставува најголем пролетен празник од народниот календар на ромската етничка заедница во Македонија, чија обредност ја опфаќа народната религија заснована на верувањето во божествата кои имаат влијание врз природата. Преку различни обредни симболи, Ромите се обидуваат да воспостават комуникација со одредена моќ која придонесува кон подобро здравје и плодност во текот на новата календарска сезона за време на празникот Ѓурѓовден/Ерделези“ (Фолклористички аспекти на празникот ѓурѓовден — ерделези кај ромите од Македонија).

    •  Баба Марта, 1 март. На овој празник се носат мартинки направени од црвен и бел конец кои, „според народните верувања, ги штитат луѓето од несреќа, од зли очи и од демони. Мартинките се толку распространети затоа што се верува дека црвената боја има магична моќ, која има способност да ги истера злите духови и болестите“ (Българска митология. Енциклопедичен речник).

     Обичаи поврзани со обожавањето регулирано со Мојсеевиот закон, кој престанал да важи со жртвата на Исус. Библијата вели: „Христос е завршетокот на Законот“ (Римјаните 10:4). На христијаните сѐ уште им користат начелата од Мојсеевиот закон што им бил даден на древните Израелци. Меѓутоа, тие не ги слават празниците наведени во Мојсеевиот закон, особено празниците кои укажуваат на Месијата, за кој христијаните веруваат дека веќе дошол. „Тоа е само сенка на она што доаѓа“, вели Библијата, „а самата стварност е Христос“ (Колошаните 2:17). Имајќи го ова предвид, и со оглед на тоа дека во некои од тие празници се вклучени и небиблиски обичаи, Јеховините сведоци не ги слават празниците наведени подолу:

    •  Ханука. Со овој празник се одбележува повторното посветување на еврејскиот храм во Ерусалим. Сепак, Библијата вели дека Исус станал Првосвештеник на „поголемиот и посовршен шатор [или, храм], кој не е направен со раце, односно не е од ова создание“ (Евреите 9:11). Христијаните веруваат дека тој духовен храм го заменил дословниот храм во Ерусалим.

    •  Рош Хашана. Тоа е првиот ден од еврејската година. Во древни времиња, на овој празник му се принесувале посебни жртви на Бог (4. Мојсеева 29:1-6). Меѓутоа, Исус Христос, како Месијата, ги укинал „жртвата и жртвениот дар“ и тие повеќе немале вредност во Божји очи (Даниел 9:26, 27).

  •   Дали со празникот се поддржува меѓуверство?

     Библиско начело: „Што имаат заедничко верникот и неверникот? И како се сложува Божјиот храм со идолите?“ (2. Коринќаните 6:15-17).

     Иако се трудат да живеат во мир со своите ближни и го почитуваат правото на секој човек да избере во што ќе верува, Јеховините сведоци не слават празници со кои се поддржува меѓуверство на следниве начини:

     Празници во чест на верски личности или настани со кои луѓе од различни вероисповеди се поттикнати да обожаваат заедно. Кога го водел својот древен народ, Израелците, во нова земја во која тамошните жители обожавале други богови, Бог им рекол: „Не склучувај сојуз со нив ниту со нивните богови... Ако им служиш на нивните богови, тоа ќе ти биде замка“ (2. Мојсеева 23:32, 33). Затоа, Јеховините сведоци не ги слават следниве празници:

    •  Лој Кратонг. За време на овој тајландски празник, „луѓето прават длабоки сатчиња од лисја во кои ставаат свеќи или миризливи стапчиња, и потоа ги пуштаат сатчињата во водата. Се вели дека со овие сатчиња или чамчиња си заминува лошата среќа. Со овој празник, всушност, се слави светиот отпечаток од стапалото на Буда“ (Encyclopedia of Buddhism).

    •  Државен Ден на покајание. Според еден државник од Папуа Нова Гвинеја цитиран во весникот The National, оние што учествуваат во овој празник „ги прифаќаат основите на христијанската вера“. Тој уште додава дека со празнувањето на овој ден „се утврдуваат христијанските принципи во земјата“.

     Празници кои се темелат на верски традиции за кои не се поучува во Библијата. На верските водачи, Исус им рекол: „Ја обезвреднивте речта Божја поради вашето предание“. Тој уште рекол дека нивното обожавање е залудно затоа што поучувале за „човечки заповеди“ (Матеј 15:6, 9). На темел на ова, има многу верски настани кои Јеховините сведоци не ги слават. Некои од нив се:

    •  Богојавление (Епифанија или Тимкат). На овој ден се одбележува или доаѓањето на астролозите кај Исус или крштавањето на Исус. Со овој празник биле „похристијанети извесни пролетни пагански празници со кои им се оддавала чест на боговите на изворите, реките и потоците“ (The Christmas Encyclopedia). Сличен празник е Тимкат, кој има „длабоки корени во традицијата“ (Encyclopedia of Society and Culture in the Ancient World).

    •  Успение на Пресвета Богородица. Овој празник се темели на верувањето дека мајката на Исус се вознела на небото со своето физичко тело. „Ова верување не им било познато на првите христијани и не се спомнува никаде во Библијата“ (Religion and Society​—Encyclopedia of Fundamentalism).

    •  Безгрешно зачнување на Блажена Дева Марија. „Библијата не поучува за безгрешно зачнување на Марија. Тоа е учење на Црквата“ (New Catholic Encyclopedia).

    •  Велики пости. Според една енциклопедија, овој период на покајание и постење бил воведен „во четвртиот век“, преку 200 години откако била довршена Библијата (New Catholic Encyclopedia). Во врска со првиот ден од Великите пости, во енциклопедијата пишува: „Обичајот при кој на Чиста среда на верниците на челото им се става крст од пепел, Црквата официјално го прифатила на Соборот во Беневенто во 1091 год.“

    •  Крстовден или Воздвижение на чесниот крст. „Се празнува во спомен на крстот на кој бил распнат Исус. За подостоинствено празнување, како и за сочувство со Исусовите страдања, црквата определила овој ден да биде строг пост и се смета за тежок празник“ (Македонска енциклопедија). Меѓутоа, Јеховините сведоци не го користат крстот во своето обожавање.

  •   Дали со празникот се велича некој човек, организација или државен симбол?

     Библиско начело: „Вака вели Јехова: ’Проклет да е човекот што се надева на земен човек и го смета човекот за своја сила, а срцето му се отстранува од Јехова!‘“ (Еремија 17:5).

     Иако Јеховините сведоци ги сакаат луѓето, па дури и се молат за нив, тие не учествуваат во следниве настани и прослави:

     Празници во чест на некој владетел или некоја друга значајна личност. Библијата вели: „Престанете да се надевате на човек, чие дишење е во ноздрите негови, зашто — што знае тој?“ (Исаија 2:22, Превод на МПЦ). Од таа причина, Јеховините сведоци не го слават, меѓу другото, ни роденденот на некој владетел.

     Празници во чест на државното знаме. Јеховините сведоци не го празнуваат Денот на знамето. Зошто? Затоа што Библијата вели: „Чувајте се од идоли“ (1. Јованово 5:21). Денес, некои луѓе не сметаат дека знамето е идол или предмет на обожавање, но историчарот Карлтон Хејс напишал: „Главен симбол и предмет на обожавање во национализмот е знамето“.

     Празници во чест на некој светец. Што се случило кога еден богобојазлив човек му се поклонил на апостол Петар? Во Библијата пишува: „Петар го подигна, велејќи: ’Стани! И јас сум човек‘“ (Дела 10:25, 26). Бидејќи ниту Петар ниту кој и да било друг од апостолите не сакал некоја посебна чест или величање, Јеховините сведоци не учествуваат во настани со кои им се оддава чест на оние што се сметаат за светци. Некои такви празници се:

    •  Денот на сите светци. „Се празнува во чест на сите светци... Потеклото на овој празник не е познато“ (New Catholic Encyclopedia).

    •  Празникот на Дева Марија од Гвадалупе. Овој празник се одбележува во чест на „светицата заштитник на Мексико“, за која некои сметаат дека е Марија, мајката на Исус. Се вели дека таа преку чудо му се појавила на еден селанец во 1531 год. (The Greenwood Encyclopedia of Latino Literature).

      Празникот на Дева Марија од Гвадалупе

    •  Именден. „Именденот е празник во чест на светецот по кој детето го добило името — или кога било крстено или кога било воведено во верата“, пишува во книгата Celebrating Life Customs Around the World​—From Baby Showers to Funerals. Во неа уште пишува дека „тој ден е проткаен со изразени верски елементи“.

     Прослави по повод политички или општествени движења. „Подобро е да бараш прибежиште кај Јехова“, вели Библијата, „отколку да имаш доверба во земниот човек“ (Псалм 118:8, 9). Јеховините сведоци веруваат дека Бог може да ги реши светските проблеми, а не човек, и затоа не учествуваат во прославување на Денот на младите или Денот на жената, кои се одржуваат како поддршка на некоја политичка или општествена кампања. Од истата причина не го слават ни Денот на укинување на ропството или слични празници. Решението на проблемот со расизмот и нееднаквоста тие го гледаат во Божјето Царство (Римјаните 2:11; 8:21).

  •   Дали со празникот се велича една нација или една етничка група над другите?

     Библиско начело: „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).

     Иако многу Јеховини сведоци си ја сакаат својата земја, тие не учествуваат во прослави со кои се велича некоја нација или етничка група. Во тие прослави спаѓаат:

     Настани во чест на воените сили. Исус не само што не поддржувал војни туку им рекол на своите следбеници: „Сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат“ (Матеј 5:44). Затоа, Јеховините сведоци не учествуваат во прослави со кои им се оддава чест на војници. Некои такви празници се:

    •  Денот на Анзак. „Анзак е акроним за австралискиот и новозеландскиот воен корпус. Со текот на времето, Денот на Анзак прераснал во Ден на сеќавање на оние што загинале во војна“ (Historical Dictionary of Australia).

    •  Ден на ветераните (Ден на сеќавањето или Ден на борецот). Со овие празници им се оддава чест на „ветераните на воените сили и на оние што загинале борејќи се за својата земја“ (Encyclopædia Britannica).

     Прослави поврзани со историјата или независноста на една држава. Во врска со своите следбеници, Исус рекол: „Тие не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот“ (Јован 17:16). Иако со задоволство учат за историјата на една земја, Јеховините сведоци не учествуваат во настани како што се:

    •  Денот на Австралија. Според една енциклопедија, со овој празник се одбележува „денот кога во 1788 год. англиските војници го подигнале своето знаме и ја прогласиле Австралија за нова колонија“ (Worldmark Encyclopedia of Cultures and Daily Life).

    •  Денот на Гај Фокс. Ова е „државен празник со кој се одбележува неуспешниот обид на Гај Фокс и други католички симпатизери да го кренат во воздух [Англискиот] парламент во кој бил и кралот Џејмс I во 1605 год.“ (A Dictionary of English Folklore).

    •  Денот на независноста. Во повеќе земји, „на овој ден се одбележува годишнината од независноста на државата“ (Merriam-Webster’s Unabridged Dictionary).

  •   Дали овој празник е проследен со разуздано или неморално однесување?

     Библиско начело: „Доста е што во минатото ја вршевте волјата на луѓето од светот кога живеевте во бесрамност, во страсти, во пијанство, во разуздани гозби, во натпивања и во недозволени идолопоклонства“ (1. Петрово 4:3).

     Во склад со ова начело, Јеховините сведоци не учествуваат во прослави кои се карактеризираат со пијанчење и лумпување. Јеховините сведоци уживаат кога се заедно со своите пријатели и можеби ќе одлучат да пијат алкохол во умерена мера или воопшто да не пијат. Тие со сите сили се трудат да се држат за библискиот совет: „Било да јадете, било да пиете, било да правите што и да е друго, правете сѐ за Божја слава“ (1. Коринќаните 10:31).

     Затоа, Јеховините сведоци не учествуваат во карневали или слични прослави со кои се поддржува непристојно однесување кое е осудено во Библијата. Тука спаѓа и еврејскиот празник Пурим. Иако со Пурим веќе долго време се одбележува избавувањето на Евреите во петтиот век пр.н.е., сега „може да се каже дека е еврејска верзија на Марди Гра или на Карневал“, според книгата Essential Judaism. Овие карневали се карактеризираат со „разни костими (обично мажи во женска облека), со необуздано однесување, прекумерно пиење и голема врева“.

 Дали тоа што Јеховините сведоци не слават одредени празници значи дека не си го сакаат семејството?

 Не. Библијата ги поучува луѓето да си ги сакаат и да ги почитуваат сите членови на семејството без разлика на која религија припаѓаат (1. Петрово 3:1, 2, 7). Се разбира, кога еден Јеховин сведок ќе престане да учествува во одредени празници, некои од неговите роднини можеби ќе се чувствуваат вознемирено, повредено, па дури и изневерено. Затоа, Јеховините сведоци се трудат да им покажат на своите роднини дека ги сакаат, тактично да им објаснат зошто не слават некој празник и да ги посетат во други прилики.

 Дали Јеховините сведоци им велат на другите да не слават одредени празници?

 Не. Тие сметаат дека секој човек треба сам да си носи одлуки (Исус Навин 24:15). Јеховините сведоци го почитуваат секого, без разлика на неговите верски убедувања (1. Петрово 2:17).

a Во оваа статија не се наведени сите празници што Јеховините сведоци не ги слават, ниту пак се спомнати сите библиски начела што можат да се применат.